(ВИДЕО)Харадинај и Заев разговарале за „Дива Населба“


Македонија и Косово развиваат добра соработка и ги продлабочуваат односите. Случајот „Дива населба“ е чувствително прашање што не треба да предизвика проблеми во билатералните релации, оценија премиерите на Македонија и на Косово Зоран Заев и Рамуш Харадинај на заедничката прес-конференција по денешната средба во Приштина.

Заев и Харадинај истакнаа дека разговарале за заеднички проекти како што е автопатот Скопје – Приштина и за аспирациите на двете земји за интеграција во евро и евроатланстките структури.

– Косово и Македонија имаат добри односи и ги обединува евро-атлантската перспектива. Со Заев разговаравме за продлабочување на соработката и за обврските што во тој контекст, треба да ги завршат двете влади, изјави Харадинај.

На средбата, како што потврдија и двајцата, станало збор и за случајот „Дива населба“.

– Тоа прашање не треба да биде пречка во нашите односи. Таму имаше убиени неколку полицајци и ќе има меѓународна истрага за да се дојде до вистината, рече Заев.

На средбата премиерот Заев го поканил косовскиот колега да ја посети Македонија.Заев во рамки на еднодневната посета на Косово, ќе има средби и со косовскиот претседател Хашим Тачи и со претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели.