Хан: Можно решение за Македонија во првата половина на 2018 година


Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јохаен Хан очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ.

– Сега имаме прозорец на можности до средината на следната година кога почнува изборната кампања во Грција. Се повеќе се разбира потребата дека политичко решение мора да се најде – вели Хан во интервју за австрискиот весник „Винер Цајтунг“.

Тој нагласува дека во тој правец е и подобрената политичка клима меѓу Скопје и Атина.

– Односите меѓу Грција и ПЈРМ многу се подобрени, благодарение на активните напори на новата влада во Скопје – изјави Хан, додавајќи дека и кај владата во Атина има волја за изнаоѓање политичко решение.

Хан потсетува дека Европската комисија досега даде девет препораки за почеток на преговорите со Македонија. Истакнува дека и државите членки на ЕУ сега сфаќаат дека земјите од Западен Балкан мора да имаат јасна перспектива за евроинтеграција за да се обезбеди долгорочна стабилност во регионот.

Како добар пример во кој се покажа позитивната улога на ЕУ, еврокомесарот го посочува надминувањето на политичката криза во Македонија. Со тоа, истакнува Јоханес Хан, стана јасно дека ангажманот на ЕУ може да направи разлика и оти земјите од регионот треба да бидат вклучени во европската безбедносна мрежа.