Мицкоски: Хан и Дол беа погрешно информирани дека има закани до пратениците


Официјалната делегација на ВМРО-ДПМНЕ што присуствуваше на Конгресот на Европските народни партии (ЕПП) во Хелсинки се врати во земјава. Претседателот Хрисијан Мицкоски ги демантира информациите во јавноста дека бил „влечен за уши“ од лидерите на европската десница, кои, наводно, му зеле за зло што не го прифаќа договорот со Грција и работи спротивно од евроатлантските интереси на земјава, но и оти ВМРО-ДПМНЕ врши прогон и им се заканува на пратениците од опозицијата што гласаа „за“ уставните измени.

„Всушност, се покажа дека челните луѓе на ЕПП биле дезинфофмирани за актуелната ситуација во Македонија. Се покажа и кој е изворот на тие дезинформации. Беа остварени десетици средби со највлијателните луѓе во ЕПП, при што тие самите признаа оти биле погрешно информирани за наводен притисок и закани врз пратениците што се одметнаа од партијата. Со докази , факти и аргументи им укажавме дека тоа не е така. Исто така, потенциравме дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорот за името останува непроменет и ние со сите демократски средства што ни стојат на располагање ќе се бориме против него. Уште еднаш укажавме дека влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО останува наша стратешка цел“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На тридневниот Конгрес во Хелсинки, каде беше избран кандидат за претседател на Европската комисија (Манфред Вебер), по лична покана на првиот човек на ЕПП, Жозеф Дол беа присутни и исклучените и разрешените пратеници, функционери и членови на партијата, а присутни беа Никола Тодоров, Емилија Александрова и Петар Богојески. Меѓудругото, тие остварија средба и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Тие беа повикани за да ја кажат својата верзија за случувањата во најголемата опозициска партија. (Г.А.)