Хамлет на нашата генерација го игра жена


Финишираат последните подготовки за новата претстава на младиот режисер Милош Б. Андоновски. Станува збор за „Хамлет“, текст кој е еден од најпоставуваните на Вилијам Шекспир, но и најпоставуван текст воопшто. Преводот е на Богомил Ѓузел, а драматуршката адаптација на Ивана Нелковска. Претставата е во продукција на „Театарот на Навигаторот Цветко“ и киното „Култура“ и се реализира во рамките на проектот „Направете простор за млади театарџии“. Премиерата ќе се случи на 15 декември, сабота, во 20 часот во киното „Култура“.

Погледнавме една од последните проби на оваа млада театарска екипа, која храбро граби да создаде еден нов, современ и поинаков Хамлет од сите досега поставени кај нас. Ова е шесто поставување на Хамлет на домашна сцена, но прво во независна, алтернативна продукција.

„Се испостави дека тоа што сакаме да го направиме е прилично радикално. И дека или ќе биде добро или ќе биде катастрофа. Бидејќи е класик, но и поради тоа што не само што е најпоставуван текст на Шекспир, туку е и најпоставуван текст во светот воопшто. Но, за да кажеме нешто ново, мора да настапиме радикално. Тие неколку денови додека да ја донесам одлуката го имав своето да бидеш или не. Приказната со правењето на оваа претстава е исто да се биде или не, поради условите, буџетот, изискувачкиот материјал на текстот. Ние сме релативно млада екипа, што дополнително ни беше поттик да ја работиме и мислам дека ова е еден Хамлет на нашата генерација“, ни раскажа Андоновски по завршувањето на пробата.
Тој вели дека идејата и концептот за претставата се ткае три години, а во текот на годините периодично се навраќал на текстот. Конечно, кога пред два и пол месеци го започнаа процесот, се родиле и нови идеи и решенија.

„Претставата е како океан, бесконечен е материјалот и затоа е толку тежок. Има многу варијанти и можности. Тежината во поставувањето и режирањето на овој текст е всушност дека мора да се пресече, што ќе влезе, што ќе отпадне, бидејќи многу работи можат да се случат. Уште во првичниот концепт пред три години циркулираа повеќе идеи, но отсекогаш знаев дека сакам да биде без реквизити, без сценографија и да биде претстава на актерите. Физичката игра и емотивноста се доминантни елементи во претставата“, вели Андоновски.

Првпат кај нас Хамлет ќе го игра жена, таа задача ѝ припадна на актерката Симона Спировска-Костовска.
– Предизвикот за работа на секој лик е голем, бев среќна кога Милош ми го понуди Хамлет. Не тргнав со мислата како јас како жена ќе играм машки лик или дека ќе биде неприфатливо или чудно. Проблемот на Хамлет е универзален и не подразбира дека само на мажи може да им се случат такви животни премрежиња. Хамлет е човек кој го игра човек бидејќи се соочува со проблеми со кои се соочуваме сите ние. Контекстот во кој ние живееме, тоа што нè опкружува, само ѝ помогна и на претставата и на сите нас како екипа. Претставата ќе повлекува паралели меѓу нас на сцена и времето во кое живееме, а тоа е функцијата на театарот – вели актерката Спировска Костовска.

Претставата е две претстави во едно, тоа е едно храбро решение меѓу Андоновски како режисер и драматургот Нелковска.
„Хамлет не е пасивен набљудувач. Тој дејствува на начин кој за него е најсвојствен, а можеби и единствен: театарот. Од позиција на својот сензибилитет (морален, интелектуален, уметнички, поетски, театарски) тој режира претстава за проблемот кој го мачи, но останува немоќен во пронаоѓањето на новите механизми за излез од затегнатиот политички круг. „Да бидеш или не“ во оваа претстава не одекнува како прашање, туку како одговор. Прашањето кое се поставува е „Како да бидеме“? Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на Хамлет во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек. Тоа е драматичен процес, исто како и спознавањето на механизмите на политичката игра“, запишува Андоновски во режисерската експликација.

Заедно со драматургот Нелковска, веќе стануваат препознатливи како тим, по поставувањето на „Физика на тагата“ од Георги Господинов во кумановскиот театар, за која имаа одлични критики и од публиката, но и од стручната јавност.

Нелковска за драматуршката адаптација на „Хамлет“ запишува дека е игра меѓу реалното и фиктивното, претопување на она што било со она што е.
„Телесна артикулација на емотивната болка, на страдањето и очајот. Хамлет лебди меѓу два света и ја бара својата припадност во светот на илузијата. Што е тоа што е вистинско? Дали воопшто постои реалноста или и таа е нечија режија? Дали политичките игри се менуваат низ вековите или формата им е толку успешна, што не им е потребна никаква трансформација? Театарот е безбеден додека се држат конците и е под контрола она што се случува, но во моментот кога се излегува од безбедната зона, во која сме кралеви на експериментирањето, се губи битката со реалниот свет, чија доминантна црта е суровоста. Безвременскиот Хамлет непрестајно ги поставува своите прашања, ги менува своите форми низ сите сцени на светот за во Скопје, во 2018 година, да го заземе сегашниот изглед и да поставува прашања за времето што било и времето што е сега“, запишува Нелковска.

Во претставата, покрај Спировска-Костовска како Хамлет, играат Мартин Манев (Клаудиј), Симона Димковска (Гертруда), Горан Ников (Полониј/Втор гробар), Стефан Вујисиќ (Лаерт), Наталија Теодосиева (Офелија/Прв гробар), Дени Стојанов (Розенкранц и Гилденстерн) и Јеткин Сезаир (Хорацио/Духот).

Кореографијата ја подготви Александра Петрушевска, а музиката е на Александар Гроздановски. За костимографијата се погрижи Марта Дуфне. Фотографијата е на Јелена Белиќ, а дизајн на плакатот на Немања Трајковиќ.

Ивана Настеска