Хаки Азири го гледаше своето признание во судница


Хаки Азири, обвинет во случајот „Монструм“, по шест години во судница и во присуство на јавноста повторно се гледаше самиот себе како ја признава вината за учество во петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Снимката ја гледаше без некои посебни емоции, а кога судијата Огнен Ставрев даде пауза, Азири не сакаше да даде изјава за медиумите зошто пред шест години ја признал вината, а сега тврди дека исказот го дал под присилба на полицијата.

Снимката што вчера беше пуштена во судницата е од исказот што го дал Хаки Азири на 7 мај 2012 година, речиси еден месец по петкратното убиство, пред истражниот судија Владимир Туфегџиќ. Тогаш Азири се откажал од статусот заштитен сведок и поради тоа обвинителството го вклучува во истрагата и бара да му биде определен притвор. Пред истражниот судија вели дека е свесен за изјавата што ја дава и цврсто останува на неа.

Пред судијата раскажува детално што се случило на 12 април 2012 година и каква била неговата улога во свирепото убиство што се случи кај Смилковското Езеро. На тој ден ги чекал Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на обиколницата на Качанички Пат со својот автомобил „мазда“ за тие, како што му кажале претходно, да расчистат некакви сметки со некои лица.

На денот на убиството напладне отишол кај Алил Демири и оттаму продолжиле заедно во Сингелиќ кај Африм Исмаиловиќ. Таму разбрал дека двајцата сакаат да расчистат некои сметки.

Околу 18 часот Агим Исмаиловиќ, братот на Африм, го однел во Топанско Поле со неговиот автомобил „мазда“. Таму Агим Исмаиловиќ зел црвен автомобил „опел омега“ и заминал со него. Ова возило беше најдено по убиството како трага на полицијата која тврдеше дека убијците се превезувале со ова возило.

Откако го однел Агим, Азири отишол на обиколницата за да ги чека двајцата пријатели, како што се договориле. Околу 20 часот Алил Демири и Африм Исмаиловиќ со „опел омегата“ се паркирале зад неговото возило и се префрлиле во „маздата“. Двајцата носеле темни тренерки, црни капи на главата и ракавици, а оружје не носеле. Кога ги прашал што се случило, му одговориле: „Направивме гомнарија, убивме човек“.

Околу 23 часот Азири прочитал на интернет дека се случило петкратно убиство кај Смилковското Езеро. Кога му кажал на Алил што прочитал, тој само ја наведнал главата и ништо не одговорил.

Дека несвесно бил инволвиран во убиството, Азири сфатил кога ја видел црвената „опел омега“ на телевизија.

Совеста го гризела и ослабнал 20 килограми поради чувство на вина. Од тој момент имал потреба да каже што се случило, но се плашел и со никој не зборувал за ова.

„Јас не знаев кај одам. Да знаев дека се работи за убиство, никогаш не би отишол. Мислев дека се работи за некакви долгови, за пари, за некој бизнис. Не очекував тоа да се случи, несвесно влегов во туѓи планови“, вели Азири на оваа снимка.

Иако во својот исказ пред судот Азири тврдеше дека ништо од тоа што го кажал пред истражниот судија не е точно и сè било кажано под присилба, неговиот првичен исказ ќе биде доказ во постапката. Според обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, на снимките се гледа дека Азири ја давал изјавата без присилба и смирено.

Азири, пак, тврдеше дека пред да даде исказ кај истражниот судија бил тепан од инспектори во полициска станица, бил затворен во подрум, врзуван со лисици. Му се заканиле дека ако сака тој и неговото семејство да останат живи, ќе мора пред истражниот судија да каже дека Алил Демири заедно со неговите другари го извршиле петкратното убиство. Тој го посочи поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски дека му ја напишал изјавата и му кажал што да каже.

Оваа снимка јавноста ја гледа вторпат. Таа беше емитувана и на минатиот судски процес кога овој случај го водеше Обвинителството за организиран криминал и корупција. Сепак, оваа снимка ќе биде доказ и во судската постапка, откако овој случај го презеде специјалното јавно обвинителство.
Претходно на рочиштето сведочеше Ахмет Бекир, кој на минатото рочиште, кога обвинителката Фатиме Фетаи почна да го испрашува, се онесвести. Вчера ја праша обвинителката „Што ако умрев минатиот пат, моите деца ќе останеа без татко, а мојата сопруга без мене? Тоа што го знам, ќе ви го кажам“, ѝ рече Ахмет на Фетаи.

Сепак, неговото сведочење беше премногу конфузно, во неколку минути кажуваше различни одговори. „Неписмен сум, болен сум, не слушам, тоа беше пред шест години, не можам да се сетам“, велеше Ахмет. Сепак, се сети дека по убиството во полиција со автомобил ги однел припадник на „алфите“, Ром, Вахид, а потоа ги вратил.

Одбраната на обвинетите најверојатно ќе го предложи Вехад Берат за сведок.
На денот на убиството кај Смилковското Езеро бил и сосед на момчињата. Тој сведочеше дека дента на плажата го видел автомобилот на Филип Славковски, но не го видел Филип.

На следното рочиште, на 5 јули, за убиството на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски, ќе сведочи загрозениот сведок. Судијата Огнен Ставрев рече дека дополнително ќе одлучат дали јавноста ќе присуствува на исказот на овој сведок.

Фросина Факова – Серафиновиќ