Хаварија во дипломатската мрежа на Македонија


Непосредно пред самитот на ЕУ, каде што неколку земји членки се колебаат околу тоа дали да ја поддржат одлуката за преговори за членство, Македонија речиси нема дипломатска мрежа која ќе излобира подобри позиции за земјата. Во моментов во САД се празни и амбасадата во Вашингтон и мисијата во ОН, а празна е и амбасадата во Брисел, додека по неколку месеци без амбасадор само што се пополни амбасадорската фотелја во мисијата во ЕУ. Париз, кој станува најголем кочничар за Македонија во ЕУ со години немаше видено амбасадор на Македонија, бидејќи тоа место му припаѓаше на ДУИ а шефот на државата Ѓорѓе Иванов не сакаше да ги потпишува нивните именувања, така што функционираше само вршителот на должност. Во тек се и подготовките за прием во НАТО, а амбасадорот Васко Наумовски е повикан на вечни консултации во земјата и не може да биде заменет додека не му истече мандатот на таа функција, бидејќи претседателот „не го дава“. Што е уште поразочарувачко, Македонија во моментов нема ни амбасадор во Хаг, од каде што се врати Игор Поповски, а нов не е именуван, бидејќи Иванов ја условува процедурата за новите амбасадори со професионални именувања, така што практично само неговите амбасадори опстојуваат во дипломатската мрежа. Ако некаде во некоја сфера партизацијата го покажала поразителното лице на македонската држава, тоа е дефинитивно дипломатијата, во која вака како што се ротираат амбасадорите, на пат е да исчезне амбасадорската функција.

Во моментов имено, според податоците од Министерството за надворешни работи, од вкупно 50 амбасади и мисии во светот дури во 30 нема амбасадор да ја врши функцијата, што е невидена дипломатска хаварија дури и за Македонија. Празни се амбасадите во Белград, Берн, Брисел, Букурешт, Варшава, Доха, Загреб, Каиро, Канбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мадрид, Њу Делхи, Осло, Пекинг, Подгорица, Прага, Рим, Сараево, Стокхолм, Талин, Тел Авив, Тирана, Хаг, Вашингтон, како и мисиите во ОН, во ОБСЕ и во Обединетите нации во Женева. Во некои од нив нема ниту вршител на должност, како во Италија, а таа земја го бутка најсилно барањето за отворање мигрантски кампови во Албанија и во Македонија.

Вршител на должност нема ни во Холандија и Шведска, две влијателни земји членки на Унијата, а во Чешката Република Македонија е преставена само на ниво на прв секретар. И тоа во ситуација кога бројот на дипломатите во амбасадите драстично беше редуциран изминатата деценија.
Освен што е скандалозно за земјите домаќини, бидејќи нивото на преставникот им сугерира колку е важна нивната земја за Македонија, тоа ја покажува целата нефункционалност на македонската дипломатија која, во време на најголемите дипломатски битки, е празна и „разоружана“, бидејќи над две децении не се најде решение за партиските препукувања. Имено, една од пораките деновиве околу противењето на Франција да ни одобри датум за преговори со ЕУ е токму тоа , отсуството на македонски амбасадор во Париз изминатите години со порака – кој очекувате да се бори за вашите ставови во Париз? (Н.В.)