НАТО: Да беше Русија пријател ќе го поздравеше референдумот


Слободанка Јовановска
Наш специјален известувач

Брисел – По обвинувањата од Русија дека од надвор се наметнува одлука на граѓаните во Македонија околу членството во НАТО и договорот од Преспа од алијансата порачуваат дека да ѝ беше Русија навистина пријател на Македонија -и таа ќе застанеше зад референдумот.
-Ова е домашно прашање. Наш интерес е едноставно земјата да има слобода да реши. Одлуката за покана на Македонија за членство е донесена и тоа е блокирано од ова прашање.Ова е проблем меѓу двете земји и за нас е императив решението да е задоволувачко за двете страни.Тоа што е направен таков напор прашањето да се реши, ние може да го гледаме само во позитивно светло, вели функционерот на НАТО.
Тој посочува дека сме виделе повеќе пати како руските политичари го опишуваат референдумот како провокативен акт. Тоа, вели, едноставно е без основа.
-Ако Русија навистина се залага за стабилност на земјата и ако се преставува како ваш пријател кој сака да ги решите вашите проблеми тогаш од неа ќе очекувавме поддршка за референдумот. Факт е дека тоа не се случи -порача висок дипломат на НАТО пред денешниот министерски состанок на алијансата.
Тој не сакаше да го коментира прашањето дали се сомневаат во руско мешање во референдумот со оглед на тоа што руската реакција се совпаѓа целосно со изјавите на претседателот Ѓорге Иванов кој го бојкотираше референдумот.
Не сакам да коментирам нешто што ќе сугерира специфично мислење за политичар во земјата-порача овој функционер. Претходно, тој нагласи дека македонската одлука за членство ќе биде донесена само од НАТО и од нашата зема.Така било секогаш за секоја земја, па така ќе биде и натаму-порача функционерот.
Впечаток е дека, по референдумот, во НАТО се плашат дека тие што се противат на проширувањето може да го искористат исходот да го стават под прашалник интересот на Македонија да стане членка. Втората цел е да пратат порака дека Преспанскиот договор не го напиша НАТО, туку македонската и грчката влада и не е наметнат како што тврди Москва.Третата порака е дека Македонија т.е. нашата влада е таа која ќе ги одреди следните чекори кои ќе покажат сакаме ли навистина членство или се надеваме на одолговлекувања.