Фрапантни тврдења, па молк за лековите што ги пиеме


Институциите тактизираат со објавување конкретни информации за тоа кои и колку лекови со сомнителен квалитет се внесени во Македонија преку паралелен увоз, откако директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, објави дека граѓаните пиеле фалсификувани лекови.

Два дена се обидуваме да добиеме поконкретни информации од Роберт Бекировски, директор на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД), за тоа како граѓаните да знаат кои лекови се безбедни и како да се заштитат од фалсификати. Бекировски во кратка порака само вели дека има одредени сомнежи кои се процесуирани и се истражуваат,а тој ниту може, ниту смета дека „е професионално да се даваат непотврдени информации“. За поконкретни прашања упатува на Дончев, кој ги изнесе тврдењата.

Од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ први алармираа за неквалитетниот инсулин низ аптеките што го загрозува здравјето на пациентите. Од таму нагласуваат дека Правилникот за контрола на паралелниот увоз на лекови, што сега се изготвува, клучно е да се вратат стандардите.

-Ние алармираме со новиот Правилник да се вратат стандардите и најниската цена да не е единствен критериум при увозот на лекови. Исто така, да се увезуваат лекови во доволно количини за да има за сите на кои им требаат. Нам ни е важно да сме сигурни дека лековите што доаѓаат се оригинални, квалитетни, соодветно чувани и транспортирани. Доколку тие стандарди останат надвор од новиот Закон за лекови, ќе останат и проблемите – вели Цвете Серафимовски од „Баланс мк“.

Министерството за здравство пред неколку месеци почна да подготвува измени во Законот за лекови за да се воведе поголема контрола на паралелниот увоз. Измените не се готови.

Од Основното јавно обвинителство информираа дека отвориле предмет по допрен глас за сомнежите за внесување фалсификувани лекови преку паралелен увоз.

Дончев тврди дека од фалсификуваните лекови најмногу ќариле фирми блиски до поранешниот премиер Никола Груевски.