(ФОТО) Отровот убива, но не бира кого: Труењето на животни да престане веднаш


Активисти и љубители на животни денеска преку протест во центарот на Скопје побараа надлежните институции да преземат мерки со кои, како што велат, ќе престане нехуманиот третман на животните.

Неопходен е, како што порачаа, хуман и одговорен третман на животните и најстроги затворски казни за секој што предизвикува јавна опасност, мачи и труе животни.

Бараат да се воспостави законска забрана за слободната продажба на отровите, полицијата да спроведе истраги, а сторителите да бидат фатени и санкционирани. За секој кој злоупотребува отрови, според нив, без исклучок треба да се изрекува затворска казна.

– Отровот не е решение, туку опасност за сите. Решението е да застанат пред институциите да се бараат повеќе прифатилишта и самите општини да си направат прифатлишта за да нема проблеми, изјави Марија Качакова од здружението „Активист“.

Снежана Билко, граѓански активист, рече дека проблемот со уличните кучиња треба да се реши од институциите, а не со фрлање отрови штетни за децата и околината. Треба, посочи, да се направат стационари со нормални услови во сите градови.

– Ова треба да се реши под итно и да преземат одговорност. Можеби се работи за индивидуални случаи кои си земаат право да лишат нечиј живот, но сметам дека ова е многу добро изорганизрано, затоа што се работи за Битола, Скопје, Охрид, Кочани, Неготино и други градови. Секој кој дава ваков налог и команда да се убиваат недолжни суштества треба да се запраша каде е човештината во него, кој тоа нас ни ги даде овие суштества и која е нашата должност како луѓе со свест и разум. Нашата должност е да ги чуваме, а не да ги ништиме, изјави Белко.

 

фото: Борис Грданоски