(ФОТО) Ручекот во Отешево заврши, на менито бифтек, баклава, ракија


Ручекот во Отешево заврши, а на менито се најдоа традиционални јадења како бифтек, ѓомлезе, шампињони, но и баклава, палачинки и ракија.

На заедничкиот ручек во Отешево присуствуваат премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и министрите за надворешни раобти Никос Коѕијас и Никола Димитров.

Тие беа придружувани од долгогодишниот медијатор за спорот со името Метју Нимиц, чија кариера меѓу другото ја одбележа посредувањето меѓу Македонија и Грција во обидите да се изнајде решение.

Тука беа и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Денешниот ден е историски бидејќи Македонија и Грција го потпишаа Договорот со кој го решаваат 27-годишниот спор околу името.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство.

Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.