(ФОТО) Иванов со сопругата во Париз на одбележување на крајот од Првата светска војна


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, денеска во Париз присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, Иванов и сопругата Маја Иванова, изутрината беа пречекани во Елисејската палата од францускиот претседател Макрон и неговата сопруга Брижит Макрон, по што заедно со присутните шефови на држави и влади се упатија кон Триумфалната капија, каде што се одржа централната свеченост по повод стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

На церемонијата каде што свое обраќање имаше претседателот на Француската Република, Емануел Макрон присуствуваа над 80 шефови на држави, влади и меѓународни организации, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, претседателот на Европката Комисија Жан Клод Јункер, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германскиот канцелар Ангела Меркел, рускиот претседател Владимир Путин, претседателите на Србија, Албанија, Косово, и Бугарија Александар Вучиќ, Илир Мета, Хашим Тачи и Румен Радев, грчкиот премиер Алексис Ципрас, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган итн.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, Маја Иванова вчеравечер присуствуваше на свечената вечера, што за учесниците на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, ја приреди претседателот на Француската Република Емануел Макрон.

Попладне, претседателот Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на Парискиот мировен форум, што ќе се одржи на иницијатива на францускиот претседател. На отворањето на форумот ќе се обратат претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, Канцеларот на СР Германија Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш.