(Фото) Груевски уште го нема, медиумите го чекаат пред затворот во Шутка


Откако Кривичниот совет ги одби жалбите на експремиерот Никола Груевски и на неговите адвокати, кои бараа одложување на затворската казна, голем број новинари и сниматели се присутни пред капијата на затворот во Шутка, и го очекуваат неговото доаѓање за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.

Судскиот курир што треба на Никола Груевски да му го врачи решението за извршување на затворската казна вечерва трипати заѕвонил на вратата на експремиерот, но не го нашол дома.Првиот пат вратата ја отворила сопругата Боркица и рекла дека Груевски е излезен. Веднаш штом ќе го добие, Никола Груевски ќе мора да се пријави на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО, но проценките доцна вечерва беа дека тоа ќе се случи дури во понеделник. Сепак,  не се исклучуваше можноста Груевски без решението сам да се појави во затворот во Шутка.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО, односно за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра. За истиот случај затворска казна од шест години доби екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и поранешниот помошник министер на МВР Ѓоко Поповски кој доби 4,5 години.