(Фото) Ново возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња


ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје денеска го стави во употреба новото возило наменето за заловување и транспорт на бездомните кучиња од скопските улици. Ова е второ возило на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје што ќе се користи од специјализирана Служба за хуман третман и контрола, при секојдневните акции за заловување на бездомните кучиња коишто ќе се транспортираат во стационарот „Вардариште“. Возилото е од марката FIAT DUCATO и е со носивост на товарен простор од 1.500 кг.

ЈП „Комунална хигиена“- Скопје од 2007 година го спроведува Проектот за хуман третман на бездомните кучиња – Програма наречена „Залови, стерилизирај, врати“. Оваа Програма е осмислена од Светската асоцијација за заштита на животните (WSPA), поддржана од Светската здравствена организација (WHO), а одобрена од Советот на Градот Скопје.

Според Програмата, кучињата откако ќе се заловат од Службата за хуман третман и контрола, се транспортираат во стационарот „Вардариште“, каде што може да се сместат околу сто животни во боксови изградени по европски стандарди. Во стационарот „Вардариште“ има ветеринарна служба што ја проценува здравствената состојба на бездомните кучиња, како и нивната евентуална агресивност, при што здравите единки се подложуваат на третман на стерилизација, се прочистуваат од внатрешни и од надворешни паразити, се вакцинираат од беснило и се задржуваат околу десетина дена. Доколку за тоа време не бидат вдомени, овие животни се враќаат на локацијата од каде што се заловени.


Во текот на 2017 година, Службата за хуман третман и контрола заловила 1.444 кучиња, од коишто 1.055 биле медицински третирани, а 159 од овие животни биле вдомени во стационарот „Вардариште“. Новото возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња е набавено по пат на јавна набавка, а истото ќе се употребува и за подигнување на телата на умрените животни од скопските улици.