(ФОТОГАЛЕРИЈА) Биланс од невремето: Откорнати покриви, поплавени улици, искршени автомобили


Билансот од краткотрајното невреме што го зафати Скопје се бутнати дрвја, што ветрот успеал да ги откорне дури и од асфалтни површини, оштетени автомобили и поплавени булевари.

Како што јави претходно нашиот репортер од терен, булеварот „Илинден“ беше затворен за сообраќај поради паднатите дрвја.

Граѓаните јавуваат за големи штети од невремето проследено со град и силен ветер.

Пред основно училиште во Чаир, на улицата „Петре Ѓорѓиев“, падна дрво врз автомобил, при што, за среќа, била причинета само материјална штета.

„Додека возев, поради невремето се паркирав и одеднаш падна ова дрво. Кога падна дрвото, ја отворив вратата и излегов. Сега чекаме да дојдат полиција и луѓе од осигурувањето за да видиме дали може да добиеме обесштетување“, вели Џабир Абдиљи за „Независен весник“.

До Градот Скопје пријавени се над 30 паднати дрвја на улици и тротоари, бандери и електрични кабли, а некои од нив причиниле и позначајна штета врз автомобили и друг приватен имот.

Сите јавни претпријатија, Противпожарната бригада и сообраќајната полиција со сиот свој човечки потенцијал се на скопските улици во заеднички напори да се отстранат проблемите во најбрзо време.

 

Претходно и Општина Центар ги повика граѓаните да пријават штети на јавните површини.