(ФОТО/ВИДЕО) Краткотрајното невреме што го зафати Скопје корнеше дрвја и ги поплави улиците


Денеска Скопје го зафати краткотрајно, но силно невреме. На социјалните мрежи граѓаните објавија повеќе фотографии и видеа од невремето проследено со дожд, силен ветер, град и грмотевици што денеска го зафати скопското подрачје.

Како што јавува нашиот репортер од терен, булеварот „Илинден“ е затворен за сообраќај поради паднатите дрвја.

Од УХМР информираат дека ветерот достигнувал повремено брзина и над 80 километри на час.

Нестабилното време се движи од запад кон исток и на север. Во попладневните часови ќе се преместуваат кон исток. Попладне процесите ќе бидат поинтензивни и локално ќе има пообилен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град.

До среда условите за нестабилност ќе има претежно во западните делови, но тие ќе бидат намалени. Од среда се очекува повторно нестабилно време со пороен дожд и грмежи. Утре ќе биде малку посвежо, а потоа до среда дневните температури ќе бидат во пораст. Од четврток повторно ќе биде посвежо.