Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии


Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и единаесетта година по ред доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Годинава, доделени се 40 нови стипендии на 12 студенти на Фармацевтскиот и 28 студенти на Медицинскиот факултет.

Согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2018/2019 година е усвоен од страна на управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии. Во составот на комисиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.

Фондацијата доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1.200 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет, со просек 9,83, кои се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

„Во насока на исполнувањето на начелата за општествена одговорност, работењето на Фондацијата за компанијата ‘Алкалоид’ и за мене лично, претставува особена гордост. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација. Како компанија, особено сме горди што во изминативе 11 години имаме вложено над 1,35 милиони евра во стипендирање идни лекари и фармацевти; за 9 години дониравме над 24.000 евра за награди на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ а преку хуманитарните настани организирани под закрила на Фондацијата во изминативе 8 години дониравме околу 115.000 евра“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје во мај 2007 година. Фондацијата има за цел стипендирање, донирање и финансирање талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.