Фити промовиран за редовен член на Македонско научно друштво-Битола


Македонско научно друштво-Битола денеска приреди јавен академски настан на кој за редовен член во МНД-Битола беше промовиран претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Таки Фити.

Според академик Фити, мотивот за членување во МНД-Битола е базиран на податокот дека станува збор за репрезентативно и проминентно Друштво, организација постара од МАНУ.

– Ова за мене е голема чест затоа што МНД-Битола е многу проминентно, репрезентативно друштво, формирано во 1960 година кое е постаро од МАНУ. Приемот за редовен член во Друштвото овозможува мој директен ангажман и поддршка и затоа ќе ги интензивираме заедничките научни предавања, презентации, но исто така ќе ги вклучиме членовите на друштвото во клучните научно-исражувачки проекти на МАНУ. Му сугерирав на претседаталот на МНД-Битола да склучи меморандум за соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, што го води академик Камбовски, со што директно ќе вклучи самото друштво во научно-истражувачките проекти на МАНУ, рече меѓудругото академик Фити на прмотивниот настан во Битола.

Во МНД-Битола, вклучувајќи го и академик Фити, од денес има 12 членови на МАНУ, а во редовите на оваа организација има и академици од други држави, како составен дел на членството во кое доминираа магистри и доктори на науки, истакнати уметници и писатели.

– Посебна чесет е актуелен претседател на МАНУ да се зачлени во МНД-Битола. Во првата фаза нашата идеја беше академик Фити да биде наш почесен член, но тој посочи дека сака да биде рамноправен, ист како другите. Зачленувањето на академик Таки Фити во МНД-Битола значи отворање нови врати, нови предзивици, нови можности да се докажуваме на просторот во кој дејствуваме, а тоа се науката, образованието, научно-истражувачката дејност, издавачката дејност итн, изјави Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.

Академик Таки Фити на денешната негова промоција во редовен член на МНД-Битола, одржа пристапно предавање на тема „Нобеловци по економија“, кое освен членови на Друштвото го следеа градоначалниците на Битола и Демир Хисар, Наташа Петровска и Марјанче Стојаноски, почесниот француски конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, како и студенти од јавните и приватните универзитети во Битола.