Филмската академија во Охрид се уште без настава, студентите ќе тужат


Студентите од Филмската академија во Охрид преку писмо доставено до медиумите реагираат на проблемите со кои се соочуваат во тековната студиска 2018/19 година, барајќи одговор од надлежните институции за нивниот статус. Најавуваат тужби против ресорното Министерство за образование и наука.

Триесетина студенти од Академијата, од кои половината странски, со име и презиме, оградувајќи се од какви било политички центри укажуваат на состојбата на нивната Академија. Тврдат дека професорите од странство воопшто не доаѓаат во Охрид поради нерегулиран статус, бруцошите повеќе од еден месец се без настава, додека дипломците од првата генерација кои веќе ги одбранија своите магистерски тези не можат да добијат диплома, иако ги завршија сите обврски кои произлегуваа од нивните договори и студиските програми.

Во писмото се наведува дека „независно од убавата програма, фантастичниот наставен кадар и неверојатните услови за студирање“ студентите денес се во незавидна ситуација, најмногу поради молкот и неизвесноста за моменталниот статус на филмската академија. Тие упатуваат барање до ресорното Министерство за образование и наука јасно, брзо и конкретно да се посочат какви се намерите во врска со Филмската академија во Охрид.

– Она што фрустрира е дека и покрај неколкумесечни писмени преписки со министерството и средби со претставници и советници од министерството, сепак немаме никакво поместување од состојбата статус кво. Сите нѐ уверуваат дека ќе има решение, но досега никој не презеде ништо, ниту пак сме добиле какво било официјално известување. Студентите и од Македонија и интернационалните студенти се во Охрид, на свој сопствен трошок, уште од почетокот на октомври, очекувајќи го стартот на новата година во предвидениот рок. Никој досега не ги известил за конкретни мерки. Ниту дека ќе се продолжи со нормална настава, ниту пак дека академската година се одложува, или во најлош случај дека академијата ќе престане да работи. Интернационалните студенти, поради тоа што ИФФА(FIOFA) не им издава документ дека се редовни студенти во академската 2018/19, не можат да го регулираат својот престој во Македонија и веќе голем дел од нив илегално претстојуваат во Македонија. Тие веќе се во контакт со своите матични амбасади и размислуваат за покренување правна процедура против Република Македонија, се наведува во нивното писмо.

Тие истовремено изразуваат надеж дека ќе биде изнајдено решение, согласувајќи се дека сите правни нерегуларности поврзани со работењето на академијата во минатото треба да бидат процесуирани од надлежните органи. Нагласуваат дека тоа не смее да интерферира со академскиот дел, на штета на студентите.