Филип Петровски очекува Груевски повторно да се кандидира


Членот на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски,  во „Ноќно студио“ на Телма изјави дека времето до конгресот на ВМРО-ДПМНЕ е кратко, при што  е веројатно  дека Никола Груевски ќе биде исто така  кандидат.

– За 20 дена не може да излеземе со нешто спектакуларно што би ја изненадило јавноста. Конгресот знае да биде трауматичен настан. Сега е кратко времето – изјави Петровски и додаде дека не знае колкумина ќе се кандидираат за нов лидер, но смета дека е во ред и ако ги има повеќе, затоа што од нивните програми ќе се извлечат решенија за подоцна.

– Јас не сум кандидат. Има луѓе кои сметаат дека треба тоа да го направам. Не сум одлучил. Ако проценам дека тоа е во интерес на партијата, тогаш да, но ако тоа би довело до компликација на нештата, тогаш не би се кандидирал – вели Петровски.Додаде дека сега во партијата постојат големи разместувања и лобирања.

– ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија со многу различни интереси, затоа што има многу луѓе. Има порадикални структури, има и либерални структури. Новиот лидер не смее да одбере една страна, тој мора да го обедини целиот спектар – Филип Петровски.