Филипче „тргнува“ со паралелниот увоз на лекови


Венко Филипче вчера наутро влегол во кабинетот во Министерството за здравство, откако завчера неговиот избор помина во Собранието со 62 гласови „за“. Имал краток брифинг со заменик министерот Гоце Чакаровски, по што отишол на седница на Владата. Со тоа, без класично примопредавање на функцијата, по три месеци од заминувањето на Арбен Таравари, се пополни празното челно место во ресорот здравство.

-Мене многу ќе ми се олесни работата. Сепак овој ресор не може да биде оставен на еден човек. Луѓето очекуваат резултати преку ноќ, а тоа не е можно – вели Чакаровски, кој последниов месец беше „две во едно“, заменик со министерски ингеренции.

Новиот министер е специјалист – неврохирург. Првично, во новата Влада влезе како советник за здравство на премиерот Зоран Заев. Колегите го опишуваат Филипче како неприкосновен стручњак во својата област. Јавноста го дочека на „нож“ поради багажот од поблиското минато како советник на претходниот министер Тодоров и потписник на професорскиот контра -пленум од времето на ВМРО – ДПМНЕ. На товар му се става и „багажот“ од подалечното минато, поради неговиот татко Илија Филипче кој исто така беше министер за здравство од 1994-1997 година, во времето на Бранко Црвенковски.

Според нашите информации, Филипче отишол на вчерашната седница на Владата со измените на Законот за лекови во делот на паралелниот увоз. Министерството за здравство ги подготвуваше од пред два ипол месеци. Информациите дека во Македонија се увезувале и се дистрибуирале фалсификувани лекови кои кај пациенти предизвикаа и сериозни несакани реакции ги загрижија граѓаните. Јавното обвинителство уште го истражува случајот.

На измените се чека подолго време, со надеж дека така ќе се зајакне постапката за безбедност и квалитет на лековите од паралелен увоз.
Предизвици на кратки патеки, утврдени за првиот месец по Нова Година, се и смена на економските директори на клиниките и укинување на плаќањето по учинок, воведени во време на претходната влада. На долг рок, задачи што стојат пред Филипче и пред Владата се: зголемување на платите и подобри услови за работа за лекарите и медицинските сестри, со цел овој кадар да се задржи тука, решавање на проблемот со недостиг на лекови особено кај ретките болести, изградба или не на нов Клинички центар….

Во официјалната биографија на Филипче стои дека е роден 1977 година, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2001 година, специјализација по неврохирургија завршил во 2008 година. За асистент на Медицинскиот факултет во Скопје бил избран во 2004 година, магистрирал во 2011-та и докторирал во 2015 година. Годинава е избран за доцент на Медицинскиот факултет. Се усовршувал во неврохируршките центри во Грац, Белград, Дејтон, Колумбус, Истанбул, Цирих. Во 2012 година завршил обука по интервентна неврорадиологија со што станал прв неврохирург во околните земји кој ја основа хибридната неврохирургија во Скопје.

Сунчица Стојановска Зоксимовска