Филипче и Рашковски во посета на повредените во несреќата кај Лесковац


Министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, како и претставник од Амбасадата на Македонија во Белград ќе ги посетат повредените во несреќата што се случи ножеска кај Лесковац кога автобус на струшки Еуро бус излета од патот.

Филипче и Рашковски ќе ги посетат повредените македонски државјани во болниците во Ниш и во Лесковац.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека српските власти ги известиле дека во несреќата загинале три лица, маж на 67 години и две жени. За жените се уште нема потврда на идентитетот.

Автобусот сообраќал на релација Битола-Прилеп-Велес-Табановце-Виена. Според информациите на МИА, едниот од возачите бил од Битола додека вториот од Прилеп.

Во Прилеп автобусот пристигнал околу 19:30 часот и на тамошната автобуска станица во него се качиле 11 патници, потврди шефот на автобуската станица во овој град Љупчо Алексовски.

Српската полиција соопшти дека утринава во 1 часот и 45 минути, на автопатот кај Лесковац, се случила тешка сообраќајна несреќа во која загинале тројца македонски државјани-маж и две жени, а 32 се повредени. Според српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички на компанијата Еуро Бус, кој патувал од Битола за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац. Возачите на автобусот не се повредени.