Филипче: Зајакнување на здравствениот систем меѓу приватно и јавно партнерство


Партнерството на државните институции со приватните компании е еден од алтернативните начини за значајно да можеме да го надградиме и зајакнеме нашиот здравствен систем. Затоа ги разгледуваме опциите за приватно и јавно партнерство. Целта е да се обединат капацитетите, експертизата и од приватниот и од јавниот сектор. Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на инфо денот за користење грантови од директните фондови на Европската комисија за теми од секторите здравство и животна средина.

Посочи дека имаат модели кои можат да ги имплементираат и да направат еден заеднички систем во кој пациентите ќе имаат највисок квалитет на здравствена заштита, многу лесно ќе пристапат до неа и тоа ќе биде на сметка на дури и намалување на цената на некои услуги која се плаќа преку ФЗОМ. Според Филипче, електронскиот систем во здравството многу напредува, а исто така и 3Д технологијата.

– Имавме случај во кој направен 3Д модел на срце пред оперативна интервенција на некој начин го спаси пациентотот заради тоа што откри нешто што на конвенционалното снимање не можеше да се види и тоа значајно го смени концептот на хирушката интервенција. Имунотерапијата станува тренд во светот, тоа е нешто што веќе го аплицираме и кај нас во услови кога имаме значајно ограничени буџети, меѓутоа ги идентификуваме критичните групи пациенти. Таму каде знаеме дека ќе има многу голем ефект, се обидуваме буџетите за имунотерапија секоја година да ги зголемуваме. Телемедицината е еден огромен бенефит, значи дека се подобрува квалитетот на здравствената услуга посебно кај пациенти кои имаат итна потреба од медицинска услуга, рече Филипче.

Нагласи дека голема американска фондација ќе донира систем на телемедицина и за скоро време тој ќе биде имплементиран во Ургентниот хирушки центар кој ќе биде централно место каде ќе имаат увид експертите од соодветни специјалности и за почеток ќе комуницираат со регионалните болници во Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово.

– Ќе ја направиме листата на услуги, па ќе се знае точно кој пациентот по кој пат ќе оди во која болница со цел да скрати времето за кое се добива здравствената услуга…, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека не недостига експертиза, туку инфраструктура.- Ова се некои модели кои сакаме да ги разгледаме додека не заврши градбата на новиот Клинички центар, каде ќе се дава интегрирана здравствена услуга, додаде Филипче.

Израелскиот амбасадор Дан Оријан рече дека израелските комании доаѓаат во Македонија и ги проверуваат можностите за соработка во здравството.

– Израeл има многу што да понуди и има интерес за соработка. Најголемиот буџет од нашето министерство е насочен кон Израелската агенција за меѓународна соработка (Mashav), но ова е само дел од напорите, рече Оријан.

Укажа на обуката на персоналот од клиниките во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од страна на израелски тренери во рамки на проектот „Медицински кловнови“. Станува збор за специјално обучени медицински лица наречени „медицински кловнови“ кои владеат специјални вештини и ќе ја подобруваат психолошката состојба на тешко болните хоспитализирани деца и возрасни во клиниките во рамки на Клиничкиот центар.