Филипче: Ако има неправилности во тендерската постапка, подготвени сме да ја поништиме


Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавност не го добила тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи. Доколку има неправилности во тендерската постапка и ако не постигнеме заштеда, подготвени сме да ја поништиме.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека до крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер пристигната е само една понуда. Во моментов, посочи, постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција.

Тој рече дека во овој момент и во досегашниот тек на постапката, не е сторена никаква штета ниту по Буџетот, ниту по крајните корисници на услугите – граѓаните на Република Македонија.

– Министерството за здравство по објавениот тендер се уште не ја евалуирало понудата, а доколку по грижливата анализа на фактите и доказите постојат недостатоци во целокупната поднесена документација со понудата, согласно одредбите од Законот за јавни набавки истиот ќе претставува основ за поништување на тендерот и постапката без предизвикување на дополнителни и вонредни штети за ниедна страна, истакна Филипче.

Според него, концептот за централизација на медицинските лаборатории е од голем бенефит за македонските граѓани, а овој проект е во насока на остварување на европски модел за кој се стремиме со цел реформирање на здравствениот систем и приближување кон модерните европски трендови.

– Концептот на централизирани набавки овозможуваат оптимално искористување на средствата. Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање, без оглед каде се изведуваат. Од причина што станува збор за тригодишна јавна набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедатата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда, тендерот ќе биде поништен, рече Филипче.

Потенцира дека целиот процес бил транспарентен и отворен за јавноста, а на јавното отворање биле присутни претставници од Центарот за граѓански комуникации и надворешни претставници од фирмите.

– Истовремено внимателно ги слушаме забелешките кои излегоа во јавноста. Главната намера е да се подобри здравствениот систем, да се направат заштеди и граѓаните да имаат голема придобивка. Се што правиме е согласно позитивните европски искуства, додаде Филипче.