Фејсбук потврди дека разменувал податоци за свои корисници со кинески компании


Фејсбук призна дека има договори за размена на податоци за корисници со најмалку четири кинески компании.

Меѓу нив е Хуавеи, третиот по големина производител на смартфони во светот, кого претставници на американското разузнавање го означија како закана за националната безбедност поради тврдења поврзани со начинот на кој постапува со личните податоци.

Кинеските компании Хуавеи, Леново, Опо и Ти Си Ел се меѓу 60-тина компании кои добиле пристап до податоци на социјалната мрежа преку „контролиран“ начин одобрен од Фејсбук, соопшти денеска во коминике потпретседателот на социјалната мрежа за мобилни партнерства Франсиско Варела.

Тој ја даде изјавата откако весникот „Њујорк тајмс“ објави статија во која во детали опишува како Фејсбук на производителите на мобилни уреди им давал поголем пристап до податоците на пријатели на корисници без нивно изрично одобрение. Податоците вклучувале историја на работните места, дали се поврзани или не, и други слични информации за корисниците на мобилни уреди и нивните пријатели.

Фејсбук вели дека пристапот до податоците бил неопходен за да можат корисниците да ги користат сите функции на нивната апликација за паметни телефони.

Сенаторот Марк Ворнер, највисокиот демократ во сенатската комисија за разузнавање рече дека веста предизвикуваа легитимни стравувања. Тој побара да знае како Фејсбук гарантира дека податоците не се префрлаат на кинески сервери.