Фетаи до Груевски: Многу сте расположени како за некој на кој му се ближи времето


Кавга меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи на денешното рочиште за „шамарите во општина Центар“.

Дофрлањата меѓу двајцата почнаа кога груевски искоментира дека обвинителката Фатиме Фетаи зборувала без да добие право на збор. Судијата рече дека таа е обвинител и може да зборува во оваа фаза.

На тоа Груевски само се насмевна, а Фетаи му се обрати со зборовите „многу сте вие расположени со оглед дека ви се ближи времето“.

Груевски и рече дека нема потреба да се грижи за неговото расположение, по што Фатиме одговори дека се грижи и за здравјето и за расположението на обвинетите. Потоа почна расправа во судницата, Фетаи стана и рече „помина времето кога не смееше никој да му возвраќа“.
Судијата повика на мир во судницата, а некои од обвинетите се обратија кон јавноста со зборовите „ајде сега и ова да го објавите”.

Во случајот „Насилство во Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.

Обвинетите се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.