Уште 30 дена притвор за градоначалникот што шверцаше цигари


Основниот суд во Струмица го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство во Струмица за продолжување на притворот за уште 30 дена за обвинитетите лица за криумчарење цигари, меѓу кои е и градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев. Тие досега издржуваа притвор во траење од осум дена.

Денес ОЈО Струмица до надлежниот суд достави обвинителен предлог против пет лица за сторено кривично дело „Криумчарење“. Заедно со обвинението до Основниот суд Струмица, обвинителството предложи продолжување на мерката притвор за четворица обвинети, со оглед на тоа што јавниот обвинител ценел дека се исполнети законските услови за нејзино продолжување.

Обвинетите се товарат дека на 10 јули 2018 година, заеднички како соизвршители, избегнувајќи ја царинската контрола се занимавале со пренесување на непријавени стоки -цигари од значителна вредност.

– По претходен меѓусебен договор, двајца од обвинетите во село Ново Коњарево во две теренски возила натовариле 66 картонски кутии во кои имало 32.980 кутии цигари од марката „Калипсо“. Заедно со уште двајца обвинети со возилата се упатиле по полскиот пат кон село Бадилен, продолжиле кон граничниот појас помеѓу Република Македонија и Република Бугарија каде петтиот обвинет кој ги чекал, имал задача да го надгледува теренот за да извести за евентуално присуство на полицијата. При нивното пристигнување во местото Попина Чука, на два километри од границата биле откриени и фатени од полициски службеници, соопшти денес ОЈО Струмица.