Уште една потврда – Кон изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски


Кон изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски во Националната галерија „Чифте-амам“

Петре Николоски (1959) се претставува со редуциран избор на дела кои биле дел од негови поранешни проекти, видени во целост во Скопје, како и со нов проект адаптиран на постојните материјални и просторни услови. Станува збор за објект од средновековната исламска архитектура со специфични пластични решенија на ентериерот кои може да бидат ризични за нов ликовен потфат. Николоски со група млади ентузијасти ги градел своите објекти постепено ин ситу, постапка што ја практикува од почетоците на своето творештво. Покрај тоа, постои уште една константа во творештвото на Николоски: тоа е задоволството од самиот чин на изработка и манипулирање со разни материјали кои се подложни на пропаѓање.


За нивното постоење ќе посведочуваат единствено фотографијата и пишаниот текст освен, се разбира, одделни парчиња од проектот кои можеле да бидат сочувани. Се потврдува фактот дека вакви проекти (дури и со спомнатите карактеристики) се сосема ретки и речиси невозможни во земја на некултура, земја заборавена од светот. Николоски, со една неголема група македонски уметници, со успех се вклучи во новите појави во југословенската уметност во 80-тите години на 20 век, обележани со некои постмодернистички струења. Во тој период, како и во 90-тите години (кога Николоски заминува во Англија) светската ликовна сцена е во знакот на уметничката инсталација и новите релации меѓу уметноста, природата и екологијата, светлината и звукот, проблематиката поврзана со парковската и урбаната скулптура, монументализмот итн. Од денешен агол погледнато, творечката енергија и свежата инвентивност на промени во 80-тите години ќе останат во историјата, нема да се повторат што не значи дека нема исклучителни остварувања кои го привлекоа вниманието на публиката и стручната јавност во подоцнежните години. Николоски остана доследен на своите суштествени сфаќања и постапки кои се во дослух со некои основни карактеристики на светската сцена, меѓутоа спроведени во манир на пообјективизирани концептуални форми во кои се содржани и некои научни сознанија.
Најновата поставка, расприкажана и некако разредена, го зафаќа целиот простор понудувајќи хетерогени елементи и разновидност кои кореспондираат на еден елементарен начин на употребени материјали и начин на манипулирање. Изложбата почнува со мала пластика со обработка на тема столб, а продолжува со неколку стандардни форми за да поентира со монументални остварувања. Во тој контекст би укажал на монохромите (поставени врз постаменти или во ѕидните вдлабнатини) составени од густо структурирани зачини (симбол на источните култури) кои шират тежок мирис низ целиот простор. Покрај некои мали „курцшлуси“ (на пример, снимките од порно списанија) вниманието го привлекува скулптуралната инсталација изработена од тенки штички врзани со разнобојни тенки конци која на врвот се „распрснува“ или отвора кон таванот. Посетителот може да влезе (позната е замислата на американските минималисти) во оваа транспарентна инсталација и преку неа да ја перципира околината на некој свој начин. И штичките оддаваат природна миризба. Ѕидните површини, во тој дел на изложбениот простор, се обложени со истите разнобојни тенки конци, не посебно впечатливо.


Овој концепт, мора да се забележи, е веќе виден (како и инсталацијата „Големиот бамбус“ од 2014 на М. и Д. Старн). Во десниот дел на изложбените простори е инсталиран кубичен објект изграден од книги што побудува далечни архаични асоцијации. Изложени се два автопортрети (во некој блед штрих) кои се перципираат попатно. На крај, во големата просторија авторот претставил три концепти. Покрај неколкуте (иконовидни) монохроми, тука се и книгите наредени на „бесконечната полица“ и впечатливиот монументален обелиск изграден од (донирани) книги кои имаат функција на материјал за изградба. Авторот одбрал историски симбол со универзално значење (обелискот е староегипетски споменик), меѓутоа применил материјал кој може лесно да се оштети. Книгата е предмет (не по примерот на Брударс и историјата на книгата-предмет од 1964 година) чиј облик и наслов може да се видат, но не и да се читаат (да потсетиме: книгата може да биде физички, но и духовен товар).
Архитектонскиот монумент, со оглед на употребените материјали, не може да има постојан или траен карактер (за разлика од Паркот обелиск – 2011 година од С. Гајар) освен изложената мала пластика.
Останува основниот впечаток на задоволство што го чувствувал авторот при изработката, како и големината на делата, при што е водена сметка за карактеристиките и дизајнот на изложбениот простор.

 

Владимир Величковски