Уште една Македонка почина во несреќата во Србија


Минатонеделната автобуска несреќа во Србија ја зеде и четвртата жртва. Македонската државјанка С.Т. им подлегна на повредите во Клиничкиот центар во Ниш. Таа имала скршеници на карлицата што довело до руптура на мочниот меур. Итно е оперирана, но поради тешката состојба, беше приклучена на апарати за дишење.

Со нејзината смрт, билансот од сообраќајката кај Лесковац се искачи на четири починати и 32 повредени.

Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот „Еуро бус“ од струшкото село Велешта, беа претежно наши печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.

Според сведоштвото на преживеаните до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да има заспиено зад воланот.

Автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќе пати. Благодарејќи на навремената интервенција на осум возила на Итната медицинска помош од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои под автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да дојде до поголема трагедија.