Уште Беса остана во ДИК


Сите членови на Државната изборна комисија, освен Ермира Асани-Салија од Беса, која беше неодамна избрана на функцијата, поднесоа оставки, јави МИА.

По скандалот со високите бонуси за последните изборни циклуси, денеска последни оставки поднесоа и членовите на ДИК од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев. Претходно, во текот на денот, и Субхи Јакупи од ДУИ, како и потпретседателот на ДИК Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов, кои доаѓаат од редот на експертите, објавија дека се повлекуваат од функциите.

Вчера, првите оставки во парламентот ги поднесоа претседателот на ДИК Александар Чичаковски, од редот на експертите, и членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев.

На првата наредна седница Собранието треба да ги констатира нивните оставки, по што би почнала процедурата за избор на нов состав на Комисијата. Државната изборна комисија брои девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Од нив шестмина се на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите.

Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор