Учениците од денеска се враќаат на настава


Близу 270.000 средношколци и основци денеска се враќаат на настава, по три недели зимски одмор. Почетокот на второто полугодие Владата го одложи за два дена поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во државава. Со одлуката сите учениците беа ослободени од настава, а вработените во образовните установи одеа на работа, освен бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста. Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов за „Независен весник“ вели дека деновиве ќе излезат со информација дали двата дена од продолжениот зимски распуст учениците ќе ги одработуваат.

„Деновиве ќе пресечеме“, вели Атанасов.

Во меѓувреме, епидемијата од морбили во Скопје сè уште трае и секојдневно има новорегистрирани случаи. Вчера јасна клиничка слика на морбили имале три деца за кои се чекаат лабораториските наоди, но веќе се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Станува збор за две деца од Општина Центар и едно од Општина Чаир, кои не биле вакцинирани со вакцината МРП. Од почетокот на епидемијата досега заболени од мали сипаници се 69 лица, а вчера до 13 часот вакцината МРП ја примиле 3.479 лица. Од Министерството за здравство велат дека теренска вакцинација во училиштата засега ќе нема и сè зависи од тоа каков ќе биде одѕивот за вакцинација на децата кои ја немаат примено вакцината МРП.

„Матичните лекари ќе ги повикаат децата што не се вакцинирани. Родителот треба детето да го однесе да го вакцинира во вакцинаните пунктови. Ако има отпор кај родителите и не ги вакцинираат, а епидемијата од мали сипаници се шири, тогаш најверојатно ќе се преземат и други активности, како теренска вакцинација во училиштата, ама сето тоа ќе се утврдува од состојбата на теренот“, велат од Министерството за здравство.

Инаку, здравствените власти, најверојатно, неделава ќе излезат со информација колкава парична казна би следувала за компанијата увозник на вакцините МРП бидејќи дистрибуираше 650 вакцини на кои беа аплицирани декларации со изминат рок. Министерството ја разгледува и можноста да ја дисквалификува компанијата за следниот тендер за набавка на вакцини. За направениот пропуст, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговорност ќе се бара и од директорите на здравствените домови и вработените во вакциналните пунктови бидејќи ги примиле вакцините без да забележат дека на пакувањата се ставени декларации со истечен рок.

„Пропустот е направен во самата веледрогерија при лепење на декларациите. Но она што го извлековме како поука од овој случај, е дека немаме правилници за добра дистрибутивна пракса и веќе ги подготвуваме“, изјави министерот Венко Филипче.

Претставници на производителот на вакцините на одржаната средба со министерот тврделе дека вакцините биле безбедни и квалитетни.

Вероника Мароска-Леова