Утрово на скопските улици фрлени 30 тони сол


Од Град Скопје велат дека се подготвени за одржување на магистралните и собирните улици на подрачјето на Скопје во зимски услови.

„Утрово беа регистрирани првите врнежи на снег оваа сезона по што екипите на зимската служба на Град Скопје веднаш излегоа на терен и превентивно интервенираа на булеварите и магистралните улици кои се во надлежност на Градот. На терен екипите на зимската служба интервенираа превентивно на повеќе сообраќајници и критични точки, каде фрлија околу 30 тони сол“, велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека Зимската служба на Град Скопје во моментов има резерви од сол во депоата на јавното претпријатие „Улици и патишта” од околу 1.300 тони и во тек е тендерската постапка за набавка на уште 3.000 тони сол.

„Покрај солта и ладниот асфалт, зимската служба ќе ја користи и механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“ составена од 16 разновидни возила и машини, а на располагање е и механизацијата на останатите јавни градски претпријатија. Дополнително, обезбедена е и техничка поддршка од компанија која на зимската служба во текот на сезоната и става на располагање 15 специјални возила – камиони“, велат од Град Скопје.