Одлука дали Чавков ќе седне на обвинителна клупа


Кривичниот суд денеска треба да соопшти дали судиите го прифатиле обвинението за крвавиот четврток и каква одлука донеле, дали поранешниот министер Митко Чавков, пратениците, Александар Василевски-Нинџа и другите обвинети ќе одговараат за тероризам.

По речиси три месеци од поднесувањето на обвинението за упадот во Собранието, во кој беа нападнати новинари и пратеници, судиите зад затворени врати одлучуваа дали ќе го прифатат.

На седницата не беше присутна ниту одбраната на обвинетите ниту новинарите, иако во минатото имаше седници за оценка на обвинителниот акт кои беа отворени за јавноста.

Од Судот не соопштуваат дали има одлука или не и велат дека одлуката ќе биде испратена до странките денеска и тогаш ќе биде и јавно соопштена.
Ако обвинението добие позитивна оценка, тоа значи дека набргу ќе се закаже и рочиште, по што обвинетите за тероризам ќе седнат на обвинителна клупа.

Сепак, Советот за оцена има право и да го врати обвинението на доработка или да го отфрли.

Обвинението беше поднесено на 27 март, но обвинителството не утврди и уште истражува кој е нарачателот и кој го организирал нападот.

Меѓу обвинетите се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и петтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Мината недела во Шутка сами се пријавија и Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо и Питроповски Митре. Потерница има уште по Дејан Давидовски.

Во организацијата на упадот во Собранието главна улога имал Нинџа кому откако му се јавил неговиот брат, кој му беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, организирал граѓани да го извршат упадот во Собрание.

Најтешко повреден во нападот беше пратеникот Зијадин Села, кој едвај остана жив од повредите. (Ф.Ф.С.)