Утре пресуда за двајца обвинети околу 27 април: Се каат и не знаат зошто влегле во Собрание


Не знаат зошто влегле во Собранието на 27 април минатата година, никој не им вршел притисок, но по осум месеци поминати – едниот во затвор, другиот во куќен притвор, сфатиле дека згрешиле и се каат за тоа што го направиле. Обвинетите Цејо Ѓоргиевски и Стојан Павлески, кои првично беа обвинети за нападот врз пратеникот Зијадин Села, а потоа за насилство врз пратеници во Собранието, вчера пред судот признаа вина и ветија дека нема да се повтори тоа што го направиле.

„Се каам што влегов во Собрание, не сакав никого да повредам, нема никогаш да се повтори“, рече обвинетиот Цејо Ѓоргиевски. Стојан Павлески, пак, во изјава за медиумите не знаеше да одговори зошто влегол во Собрание.
„Се случи“, кратко одговори тој, додека неговата адвокатка во заднина му суфлираше.
Вели дека во неговиот случај немало никаква нарачка, влегол во Собранието изреволтиран што се пеела химната на албански јазик. Но сега, по осум месеци, ветува дека што и да се случи нема да го направи истото и да ги остави сами неговиот малолетен петнаесетгодишен син и неговата стара и болна мајка.

Павлески е самохран родител, неговата жена го напуштила кога неговиот син имал осум години и тој бил единствен што го издржувал семејството.
„Никогаш во ниту еден момент не би го направил истото“, вели Павлески. Тој очекува утре да му биде изречена условна осуда откако судијката ја раздвои постапката за овие двајца обвинети.

Нивните адвокати побараа судот да ги земе предвид социјалната и здравствената положба на двајцата обвинети и тоа што не биле осудувани.
Но обвинителот во овој случај, Дарко Јакимовски, бара судот да ги прогласи за виновни и да ги казни. За ова дело предвидена е затворска казна од шест месеци до пет години, но има основа и за алтернативни мерки.

„Каква било алтернативна мерка за обвинетите е банализација на целата тежина на настанот. Обвинетите биле свесни, кој и да им бил поводот, дека го загрозуваат животот на присутните пратеници. Стојан Павлески прв го пробива кордонот, се однесува насилнички, напаѓа, удира и фрла предмети. Истото важи и за Цејо, кој исто така со држач за камера, подлога со тркала од фотелја, замавнува кон пратениците. Неговите можности се условени од неговата конституција и возраст. Тие двајца не одговараат за нападот врз Села, туку за целокупниот квантум на дејствија пред да се случи извлекувањето на Села“, рече обвинителот.

Тој порача дека санкциите за вакви дела се неминовни и дека само казнивоста може да гарантира дека вакви дела нема да се повторат и ќе испрати порака до идните сторители.

Откако двајцата обвинети денеска признаа вина, судот ја раздвои постапката за нив и тие со измените на обвинението се товарат за полесно кривично дело, насилство. Утре наутро судијката Славица Андреевска ќе ја соопшти пресудата за нив. Клучен доказ за измените на обвинението беше видеоснимката која како дополнителен доказ ја презентираше Обвинителството.
Со овој доказ Сашо Сенков е ослободен од обвинение, за двајца делото е преквалификувано, а за останатите седум лица останува кривичното дело обид за убиство врз Села.

Иако на снимката се гледаа и други лица што не се опфатени со обвинението, од Обвинителството велат дека работат на идентификација и на други лица, но за тоа треба да се отвори нова истрага и да се поднесе ново обвинение. Од овие седум лица сите се во притвор, освен Александар Јаневски-Тошта, кој откако заврши на кардиологија се наоѓа во куќен притвор.
На 5 јули Обвинителството и одбраната треба да ги дадат своите завршни зборови за обидот за убиство врз Села.

Фросина Факова Серафиновиќ