Утре истекува рокот за фирмите да достават годишни пресметки
Рокот за поднесување на годишните сметки за правните лица истекува утре, додека самостојните вршители на дејност можат да ги поднесуваат годишните сметки до 15 март годинава во хартиена и електронска форма, информира Централниот регистар на Република Македонија.
– За субјектите кои водат сметководство согласно Законот за трговски друштва рокот за поднесување на годишните сметки и финансиските извештаи во електронска форма е до 15.03.2018 година, а големите и средни трговци се должни да ја достават годишната сметка до Централниот регистар само во електронска форма, велат од Централниот регистар.
Потенцираат дека Централниот регистар денеска и утре ќе работи од 7:00 до 21:00 часот, додека во регионалните канцеларии во Македонски Брод, Виница, Берово и Делчево работното време ќе биде од 8.00-16.00 часот.
Во Кратово, Крушево и Демир Хисар, каде Централен регистар нема канцеларии, приемот на годишните пресметки ќе се врши денеска и утре од 8:00 – 16:00 часот, и тоа во Кратово и во Демир Хисар во просториите на општината, а во Крушево во просториите на УНИ банка.