Утре во Брисел средба на Нимиц со преговарачите за името Наумовски и Василакис


Специјалниот претставник на ОН за спорот со името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, утре во Брисел ќе има средба со преставниците на двете земји Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, за надминување на разликите околу името.

Нимиц, утре во Брисел ќе одржи прес-конференција по средбите со преставниците на двете земји, во 12:15 часот во зградата на Регионалниот инфо центар за Западна Европа на ОН (UNRIC).

Средбата, како што претходно најави канцеларијата на Нимиц, е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името.

На разговорите во Брисел, Наумовски ќе го придружува Александра Миовска, дипломат од МНР, а во ист формат кој е договорен со Нимиц, ќе биде и од грчката страна.

Засега нема официјални навестувања дали Нимиц ќе излезе со нови идеи, сугестии или предлог, иако изгледите за такво нешто се мали.

Последната формална рунда разговори на медијаторото на ОН со преставниците на двете земји беше одржана во Њујорк во ноември 2014.