Унгарски медими: Контроверзната апликација за азил на Груевски во процедура
Главните дилеми кои ги поставуваат се како Груевски влегол во Унгарија, дали се испочитувани законските процедури, кој му помага во Будимпешта и какви ќе бидат последиците за Владата на Виктор Орбан, со кого, како што наведуваат унгарските медиуми, Груевски имал блиски пријателски врски.
„24.ху“ пишува дека Груевски најверојатно влегол во Унгарија со возило од Србија, најверојатно со помош на српските власти. Тоа секако било и со знаење на унгарските погранични служби, бидејќи малку е веројатно дека некој од рангот на Груевски би можел незабележано да ја мине границата на која и од двете страни се распоредени силни погранични полициски сили. Малку е веројатно и дека Груевски дошол во Унгарија без претходно знаење на унгарските власти, наведува „24.ху“.
Нема информации каде е тој во моментов. Се знае дека дошол во Будимпешта во петокот и преспал во хотел со пет ѕвездички. Канцеларијата на Орбан ги демантираше информациите дека тој се сретнал со поранешниот македонски премиер во неговата вила во Будимпешта.
Во врска со барањето политички азил, унгарските медиуми истакнуваат дека како лице кое доаѓа од земја која е оценета како безбедна, тој нема право да аплицира за азил во држава од ЕУ. Но, нагласуваат, за Груевски можеби се прави исклучок. Владата веќе потврди дека е почната процедурата во врска со неговото барање за азил. Нормално таа трае околу 60 дена, но во исклучителни случаи може да биде забрзана и до 15 дена. Законската процедура предвидува дека лицето кое бара азил додека трае одлучувањето треба да чека во транзитната зона. Унгарската Влада тоа го бара од сите бегалци кои доаѓаат на нејзина територија, но со Груевски тоа не е случај, забележува „24.ху“.
Во нормални околности, невозможно е македонски граѓанин кој бега од издржување затворска казна да добие азил во Унгарија. Македонија е безбедна земја со независен правен систем, а Груевски не се гони поради политички или религиозни причини, и ако не стануваше збор за пријател на премиерот Виктор Орбан, неговата апликација сигурно би била многу брзо одбиена. Останува да се види дали причините кои ги наведува дека добивал смртни закани и оти е цел на политички прогон ќе бидат доволни за унгарските власти да поверуваат дека тој би бил загрозен ако се врати во Македонија.
Експертот за азил Марта Падави за „хунгаритудеј.ху“ вели дека под нормални околности невозможно е македонски државјанин кој бега од издржување затворска казна и против кого не се води политички прогон, да добие азил во Унгарија, бидејќи доаѓа од земја која е оценета како безбедна.
Груевски со пребегувањето во Унгарија го става Орбан во незгодна ситуација. Унгарскиот премиер е пред избор дали ќе ги почитува европските правила или ќе го брани Груевски кон кого Москва искажуваше нескриени симпатии, наведуваат унгарските медиуми.
Во отстуство на официјални реакции, некои западни политичари на социјалните мрежи искажуваат став за пребегувањето на Груевски во Унгарија.
„Унгарија ги отвори своите врати за бегалци. Неверојатно…“, напиша на Твитер државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.
И европратеничката Џудит Саргентини прашува дали се променети унгарските правила за прифат на бегалци, бидејќи во случајот на Груевски не биле применети. Поранешниот македонски премиер, според неа, требало да поднесе барање за азил од транзит зоната во која престојуваат бегалците, но како што наведува унгарските власти веројатно воспоставиле „Вип процедура“ за добивање азил.