Еден од пратениците обвинет за „27 април“ пуштен на слобода, за другите одлучува Апелација


Кривичниот судски совет му го укина куќниот притвор на пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Сашо Василевски кој е еден од обвинетите за упадот во Собранието што се случи на 27 април минатата година. Со оваа одлука Василевски ќе се брани од слобода со гаранција од околу 400.000 евра.

„Кривичниот совет по претходно дадено позитивно мислење од надлежното обвинителство, донесе решение со кое ја уважи понудената гаранција во недвижен имот и ја укина мерката куќен притвор, а заради обезбедување присуство во текот на постапката му определи мерки за претпазливост и тоа Обврска на обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Охрид и привремено одземање на патната исправа како и забрана за издавање нова“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Одлуката за укинување на куќниот притвор на Василевски доаѓа по повикот за помирување за настаните од 27 април кој вчера го испрати премиерот Зоран Заев во момент кога во Собраниеот се расправа за уставните измени за кои треба двотретинско мнозинство. Освен Василевски во куќен притвор за упадот во Собраниео се и пратениците, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Откако кривичниот совет ги одбил нивните жалби за укинување на притворот, сега за нив одлучува Апелацискиот суд. Оттаму велат дека за жалбата на пратеникот Љубен Арнаудов била одржана јавна седница и тој исто како и Василевски понудил гаранција за да се брани од слобода. Одлуката за него, Апелација треба да ја донесе во текот на денот.

Со укинувањето на куќниот притвор пратениците ќе можат да присуствуват на седници бидејќи им е симнат имунитетот, но не му е одземен мандатот.
Следниве денови овој суд треба да донесе одлука и за жалбата за решението за притвор на Мукоски кој пак не понудил никаква гаранција. Тројцата пратеници заедно со нивните колеги кои се бранат од слобода, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски денеска присуствуваа на рочиштето за „крвавиот четврток“ на кое без присуство на јавноста за сослушува загрозениот сведок. (Ф.Ф.С.)