Тројца вработени во АЕК земале плата, а не оделе на работа


Тројца вработени во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во изминатите две години земале плата, но не се појавувале на работа, или доаѓале само неколку месеци.

Ова го покажува мониторинг-извештајот за работата на Агенцијата кој го подготви „Евротинк – Центар за европски стратегии“, НВО „Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Во периодот од 17 до 21 август, по добиена усна претставка од Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд извршил инспекција во АЕК, при што биле утврдени неправилности кај три лица.

Кај едно лице, вработено на неопределен период, со полно работно време, преку увид во електронската евиденција се констатирало дека во текот на цела 2016 година не го евидентирало своето присуство на работа. Ниту, пак, од АЕК приложиле докази дека работникот доаѓал на работа. Вториот работник не го евидентирал доаѓањето на работа од март, па сѐ до моментот на инспекцискиот надзор, при што изјавил дека користел годишен одмор, но не биле дадени на увид решенија за истото. Часовите кога лицата отсуствувале од работа се наведени како часови со ефективна работа и исплатена е цела плата.
– Кај првото лице е констатирано дека од 1 февруари до 30 декември 2016 година не го евидентирало своето присуство на работа. Истиот работник годинава, според електронскиот систем на Агенцијата, доаѓал на работа само два и пол месеци, односно јануари, февруари и 15 дена од март – се вели во извештајот.

Кај второто лице, кое е исто така на работна позиција помлад соработник, било констатирано дека од 28 март 2017 година, па сè до моментот на инспекцискиот надзор не го евидентирало своето присуство на работа.

– Од увидот во писмените пресметки за плата, кај двете лица е констатирано дека часовите кога работниците отсуствувале од работа работодавачот ги навел како часови на ефективна работа и им исплатил плата врз основа на одработените работни часови, со што работодавачот исплатил плата спротивно на законските одредби и со тоа сторил повреда на Законот за работните односи – покажува извештајот на трудовите инспектори.

Третото лице, кај кое е најдена неправилност, е вработено на позицијата  раководител на сектор и кај тоа лице инспекцијата констатирала дека оправдано отсуствувало од работа, од 2 јануари 2017 година, но од увидот во пресметките за плата за мај, јуни и за јули 2017 година, констатирано е дека работодавачот не исплаќал плата согласно законските прописи за оправдано отсуство.

Работодавачот не ја усогласил електронската евиденција за работното време на работниците со Правилникот за начинот и водењето на електронската евиденција на работното време и на прекувремената работа, односно недостига распоредот на работното време на работникот, пауза за време на работното време, приватно отсуство, службено отсуство и нема назначено лице со посебно овластување, односно администратор кој ќе има пристап до податоците од системот за електронска евиденција на работното време и на прекувремената работа.

Ова не е прв случај на вакви злоупотреби. Пред неколку месеци новата директорка на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, објави дека е евидентирано дека четири лица во Агенцијата земале плата, а не оделе на работа, со што го оштетиле буџетот на оваа институција за повеќе од еден милион евра.

Генералниот секретар Драги Рашковси исто така информираше дека во Генералниот секретаријат на Владата биле вработени 600 лица кои не доаѓале на работа и земале плата. Имале само обврска еднаш неделно да дојдат на работа и да се потпишат дека биле присутни на работното место. Ова го правеле во период од две до четири години, во зависност од тоа кога биле вработени. Со тоа Буџетот на државата бил оштетен за 820 илјади евра.

Александра Спасевска