Трет ден студентски протести во Тетово


Трет ден по ред продолжуваат студентските протести во Тетово. Денеска помала група студенти протестираа во холот на Универзитетот во Тетово, откако вчера во дебатна емисија на ТВ проректорот за настава од овој универзитет Арбер Челику најавил дека денеска ќе ги прими студентите да разговараат за нивните барања.

До оваа дебата не дојде, бидејќи собраните студенти го одбија предлогот на Челику за средба и разговори со делегација на студентите, туку тие остануваат на ставот разговорите да бидат во некој од амфитеатрите и право да учествуваат да имаат сите студенти со индекс од универзитетот.

-Наместо најавената дебата со студентите, проректорот Челику си замина. Ние остануваме тука се додека не се реализира разговорот со некој од раководтсвото на универзитетот за сите наши барања, бидејќи тоа се барања на студенти од сите факултети, а не само до некои посебно. Затоа не прифаќаме разговорите да ги води само мала група наши претставници туку сакаме сите студенти да имаат право јавно да ги постават прашањата до управата, рече студентката Сибел Јусуфовска од Прилеп.

Студентите трет ден по ред протестираат барајќи деполитизација на универзитетите, запирање на корупцијата преку спречување на појавата за обврската за купување книги од дел од професорите како услов за потпис или подобра оценка, уредување на состојбите со екскурзиите, намалување на таксите за студирање и уште десетина барања.

Во изминатите два дена тие протестираа на градскиот плоштад во Тетово, од булеварот Илинденска доаѓаа до пред двата универзитета, тетовскиот и Универзитетот на југоисточна Европа, по што протестите тука запираа.