Трајанов предлага работна група да ја истражи улогата на МВР и судот


Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека сега обврска на министерот Оливер Спасовски е да спроведе детална истрага за функционирањето на целокупниот систем во вакви случаи и да утврди, како што рече,  дали има  помагање на Груевски.

Во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на ТВ Телма вечерва тој рече дека не исклучна можноста  некој намерно да направил пропуст за да му овозможи на Никола Груевски да ја напушти државата. Предложи да се формира работна група од Владата или пошироко со цел точно да се истражи улогата на МВР, Агенцијата за разузнавање,Јавното обвинителство и на судот.

– Ако не ја расчистиме оваа работа, бидејќи нанесе огромни, тешки последици по вкупната политичка безбедносна состојба во државата, не можеме да одиме напред. Нема да имаме реформи ако случаите ги ставаме под тепих. Треба да се расчистат. Друго прашање е одговорноста. Ние мораме да утврдиме каде се слабостите, каде се пропустите и како тој систем да го реактивираме, да го рекомпонираме бидејќи вака како што е поставен тој не е функционален, рече Трајанов.

Државата е во исклучително сложена и тешка состојба, меѓу другото, рече тој, поради тоа што целокупниот безбедносен систем е во колапс. – Како резултат на голема политизација на важните државни институции, силната партизација, застојот на реформите, тој систем е колабиран долго време и се уште не успеавме во период од година и пол да го реформираме, рече Трајанов.