Трамп и обрачот


 

Петар Арсовски

Ние сме заглавени во сопствените дилеми, фокусирани на предизвиците во наредните неколку месеци, но, во меѓу време, во светот се случуваат драматични нешта. Едно од политички најважните случувања во последните неколку години, особено откако Доналд Трамп ја презеде претседателската функција во САД, се случи завчера. Во рок од неколку минути двајца поранешни негови најблиски соработници, Пол Манафорт и Мајкл Коен, беа осудени од федерални судови, во одделни постапки, за сериозни нарушувања на законот, од кои некои се директни поврзани со нивната работа за Трамп. Сега има огромен наплив на прашања околу тоа што значи ова за претседателската функција, кои се опциите за Трамп и за Роберт Милер (обвинителот кој ги гони овие случаи), дали можеби Трамп ќе ги аболира Манафорт и Коен, дали и нему му се заканува обвинение, дали е можен импичмент, па дури и дали теоретски, Трамп би бил донесен во ситуација да размислува да се аболира самиот себеси.

Мислам дека овие процеси се интересни да се следат најмногу во смисла на споредба како една функционална демократија системски одговара на узурпацијата на моќ, авторитарноста и неодговорноста. Се согласувам дека денес е најверојатно најтешкиот ден за администрацијата на Трамп, ако не и најтешкиот ден во неговиот живот, како што твитна Норман Ејсен, поранешниот советник на Обама за етика. Пресудите за Пол Манафорт, кој е осуден за дел од обвиненијата за затајување данок додека работел за повеќе руски и украински клиенти, вклучувајќи го Виктор Јанукович, се соочува со сериозен затвор дури од 80 години, а судењата за неговата работа со Трамп сè уште не се ни почнати. Мајкл Коен, познат како чистачот на Трамп, призна вина и се спогоди со обвинителството, каде што експлицитно наведува дека по наредба на Трамп им исплаќал пари на порноактерки за тие да молчат за нивните активности поврзани со претседателот.

Главното прашање е како ова ќе влијае на претседателството на Трамп. Прво, овие пресуди, двете донесени во рок од не повеќе од неколку минути, означуваат јасна пресвртница во плимата на обвиненија против претседателот и придвижување кон силна поддршка за обвинителот Милер. Досега, поддржувачите на Трамп, па и самиот претседател, ги квалификуваше ваквите и слични процеси како „лов на вештерки“ и имаше јавен притисок за ваквите истраги да запрат. Сепак, пресудите му даваат сериозен легитимитет не само на овој процес, туку и на целата вкупна истрага за руско мешање во американските избори (што и беше основата за овие обвиненија), така што треба да се очекува засилување на ваквите и слични процеси. Второ, се поставува прашањето на кривична одговорност од страна на самиот претседател. Имено, досега, неговиот советник за национална безбедност, личниот адвокат, шефот на кампањата, заменик-шефот на кампањата, како и помошникот за надворешна политика – сите признаа или ги осудија за сериозни кривични дела поврзани со нивната работа за него.

Прашањето што го поставува адвокатот на Коен (кој сега е во нарушени односи со Трамп) е точно: ако исплатата кон девојките е кривично дело за Коен, тогаш е кривично дело и за нарачателите, односно за Трамп. Ова е само увертира во нови сознанија, зашто самиот Коен најавува дека сака да сподели нови информации со специјалниот обвинител. Оттаму, Трамп може да се соочи со дополнителни кривични проблеми. Трето, ова најверојатно значи сериозен удар за неговата поддршка во Конгресот – не само што неговите поддржувачи со пелтечење ја признаваа сериозноста на овие пресуди, туку и некои од нив (најголемите поддржувачи на Трамп) се и самите под истрага, како Данкан и Маргарет Хантер, и Крис Колинс. Ова се заканува да му ја урне поддршката на Трамп во Конгресот, како и на републиканците во пресрет на претстојните избори во ноември.

 

Сè уште останува неразјаснето како ова ќе влијае лично на Трамп. Прво, тој може, како што има сторено неколку пати досега, да ги аболира и Коен и Манафорт. Сепак, сега кога цунамито се сврте, ова најверојатно директно би го однело во процедура за импичмент, особено со вака намалена политичка поддршка. Потоа, и најинтересно – дали е возможно активен претседател да биде обвинет за кривично дело? Адвокатот на Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, вели дека тоа е невозможно, но и дека кога би се случило Трамп би можел да се аболира и самиот себеси.

Во секој случај, обрачот на реакцијата на демократските сили во општеството на САД се стега околу Трамп. По сè изгледа дека и најмоќниот човек во светот, и тоа како има од што да се плаши. Интересна е паралелата со случувањата кај нас. Таму претседателот изгледа е поранлив дури кон помали обвиненија (како заташкување на неговите девојки за забава), одошто претседателот кај нас, кој изгледа е заштитен и за прекршување на уставот. Потоа, брзината со која системот реагира на прекршувањата е исто интересна – ние сè уште слушаме „бомби“, таму паѓаат пресуди. И на крајот, таму обвинителите активно се борат против претседател кој е на власт, а кај нас власта не успева брзо да се избори за обвиненијата против сегашната опозиција. Овие разлики се индикација на општото здравје на демократијата, и кај нас и во САД.

Оттаму, пораката за оние што предвидуваа колапс под Трамп е дека сепак ‘рбетот на функционално општество е тешко да се скрши со една трансгресија, а за оние што кај нас веднаш очекуваа промени: ние сме ги решиле симптомите, но не и болеста.