„Траекторија“: Јанакиески и Ставрески размениле над сто пораки за патот Миладиновци-Штип


Вкупно 103 СМС-пораки што биле разменети меѓу поранешните министри за транспорт и врски и за финансии Миле Јанакиески и Зоран Ставрески, во периодот од 16 мај 2012 до 3 април 2013 година беа прочитани претпладнево во Кривичниот суд во Скопје, на рочиште за случајот „Траекторија“.
Денешното судење, на кое присуствуваат сите обвинети и нивните бранители почна со читање извештај од 31 мај 2017 година со дата бази од СМС пораки меѓу Јанакиески и Ставрески. Адвокатот Еленко Миланов ги оспори доказите и посочи дека постои наод и мислење од технички советник Орце Симов, кој укажува дека не може да се гарантира оригиналност на пораките. Претседателот на судечкиот совет рече дека е прво ќе се изведат доказите, а подоцна ќе се слушнат забелешките на одбраната.
Од пораките се чита како Јанакиески му вели на Ставрески дека ЕБРД сака да го финансира патот Миладиновци – Штип. Ставревски пишува дека може и прашува дали има ништо ново од Кинезите? Јанакиески на тоа одговара негативно.
Во друга порака стои дека имаат документација за Миладиновци – Штип и дека е пратена понудата од Кинезите за кредит.

Потоа во судница се гледаа пораки за договарање со Ексим банка од Кина и за состаноци, па за одење во Кина, со податоци за лет во Кина преку Истанбул.

Во пораката меѓу Јанакиески и Ставрески од 26 јули 2012 година пишува „ако си на Извршен комитет спомни му на шефот за одење во Кина“.

Во пораката од 29 август 2012 година пишува „Оливер Шамбовски да потпише договор со Кинезите. Ориентационо Миладиновци – Штип околу 160 милиони евра од „Бетон“, чекам од „Гранит“. „Синохидро“ контакт“.

Јанакиески во порака од 7 ноември 2012 година го информира Ставрески дека едната кинеска компанија понудила 280 милиони евра, а другата 288 милиони евра, на што двајцата мислат дека едната компанија ја препишала понудата од другата. Кинескиот амбасадор во порака од 27 ноември 2012 година го информирал Јанакиески дека ќе поддржат било која од двете кинески компании што сами ќе ја изберат македонските власти.

По паузата од еден час треба да бидат читани 156 пораки меѓу Јанакиески и тогашниот државен секретар во Министерство за транспорт и врски Елена Кузмановска.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешните премиер Никола Груевски, вицепремиер Владимир Пешевски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, тие ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградбата на автопатските делници до Штип и Охрид.