ТИ-Македонија: Не се исполнети препораките од ГРЕКО за Собранието, судството и обвинителството


Република Македонија и натаму не ги исполнува препораките од четвртата оценка од ГРЕКО (земји за борба против корупцијата), што се однесуваат на Собранието, судството и Јавното обвинителство, велат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

– Извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО, донесен уште во декември 2013 година, во себе соддржи низа забелешки и препораки за отстранување на дадените забелешки, но по нив се уште не е постапено на адекватен начин со што тие би се отстраниле, се наведува во денешното соопштение од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Ова, како што е посочено, го потврдува и неодамна дадената изјава на претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела, кој говорејќи на тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети.

Транспаренси Интернешнл – Македонија во јануари ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата согласно овие препораки.

– Во тоа соопштение беше наведено дека четири од препораките за кои недостасува имплементација се однесуваат на спречување на корупцијата кај членови на Собранието на Република Македонија, а другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и јавното обвинителство, велат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Според нив, денес речиси една година подоцна, работите не се поместени од точката на која што биле и тогаш, а тоа го потврдува и последната изјава на Мрчела.

Транспаренси Интернешнл – Македонија ја повикува Владата на Република Македонија сериозно да се зафати со исполнување на овие препораки, така што ќе формира посебен тим што ќе го следи спроведувањето на овие препораки.

– Сметаме дека тоа е неопходно со цел да се држи чекор со одговорностите кои државата ги презела, и тоа, како што вели Мрчела, не поради ГРЕКО, туку поради граѓаните на Македонија, се наведува во соопштението.