Тилерсон: Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот


Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот, а САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини да помогнат, му порача на вчерашната средба во Вашингтон американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Тилерсон ја поддржа реформската агенда во Македонија, повикувајќи ја Владата да истрае во нејзиното спроведување.

Последната средба на шеф на македонска дипломатија со американски државен секретар се одржа во 2008 година, кога тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски се сретна со поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс.

Димитров даде осврт на актуелните политички состојби во Македонија и во регионот, а исто така го запозна Тилерсон и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

– Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош, лидерство и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна и имаме намера да ја искористиме оваа можност што ни се укажува, рече Димитров.

Информирајќи за реформите во Македонија Димитров нагласи дека земјата сака да изгради силни и демократски институции, да го зацврсти владеењето на правото и да ја направи Македонија посакувана полноправна членка на евроатлантската заедница“

Зборувајќи за придонесот на Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната, согласно барањата на Алијансата.

Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот Димитров подвлече дека „нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност“.

Министерот за надворешни работи учествуваше и на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“, каде беше повикан да се обрати пред бројната публика составена од експерти и претставници на дипломатскиот кор во Вашингтон.

На панелот со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.

Шефот на македонската дипломатија оствари средба и со експертите за регионот Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на регионот.

Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.