Тивко се прекројува распоредот на силите во Собранието
Тивко и постепено се менува консталацијата на односи во парламентот по првиот голем изборен пораз на ВМРО-ДПМНЕ на неодамнешните локални избори, а во пресрет на реализацијата на најавените владини реформи од планот 3-6-9.
ВМРО-ДПМНЕ, чија коалиција влезе како најмногубројна во законодавниот дом (со 51 пратеник, наспроти 49 на коалицијата на СДСМ) сега е на исто рамниште со владејачката партија – во сооднос 50-50. Освен тоа, опозициската партија е дополнително ослабена на неодредено време по одлуките за притвор и домашен притвор на шестмина пратеници од нејзината коалиција. На тоа посочуваат и од раководството на партијата, каде што пресметале дека сега 12 отсто од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се во притвор што, пак, е пет проценти од целиот парламентарен состав.
Пред извесно време Чедомир Саздов, поранешен функционер на СДСМ, кој влезе во актуелната пратеничка гарнитура како кандидат на ГРОМ на листата на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека станува независен пратеник. Неговото гласање на последната седница покажа дека СДСМ може да смета и на неговиот глас. Од ова произлегува дека моменталниот распоред на силите во парламентот, во т.н. македонски политички блок, е 51 за СДСМ, наспроти 44 за ВМРО-ДПМНЕ.
Саздовски минатата седмица, исто така, гласаше за одземање на имунитетот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуките за шестемина парламентарци, всушност, беа донесени со по 67 гласа „за“, наспроти потребните 61, и тоа во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ отсуствуваше од седницата, а отсутни беа и неколкумина членови на парламентарното мнозинство. Неочекувано големиот кворум, всушност, го обезбедија пратениците на опозициската Беса, која има петчлена пратеничка група, а „за“ гласаше и пратеничката на ДПА, Мерал Узеири Ферати, додека партискиот лидер Мендух Тачи беше отсутен.
Мнозинството, кое се искристализира во текот на минатата седмица во законодавниот дом, во политички кругови се смета како сигнал дека формалното парламентарно мнозинство во наредниот период може да смета и на гласовите на опозициските партии, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, при донесувањето на реформските закони. Поддршката за тие закони би можела да стигне до 71 пратеник, па и повеќе, доколку, како што се шпекулира, и дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се оградат од пратеничката група и гласаат по сопствено убедување.
Од Беса најавуваат дека ќе ги поддржат реформските закони на Владата доколку тие се прифатливи и за Европската Унија.
– Во принцип подготвени сме да го поддржиме реформскиот курс, доколку за него има поддршка и од ЕУ. Сепак, ние ќе дадеме и свој придонес за подобрување на законите што ќе произлезат од реформскиот план“, вели Африм Гаши, пратеник и портпарол на Беса.
За ДПА, пак, пред извесно време беше отворена и можноста да стане дел од владејачката коалиција, иако таа „операција“ сега станува помалку веројатна, со оглед на тоа што „Алијансата за Албанците“ останува трет партнер на „Илинденска“.
Бројката од седумдесетина пратеници од кои се очекува поддршка претставува респектабилен кворум во споредба со тесното мнозинство од 63 парламентарци со кое стартуваа СДСМ, ДУИ и „Алијансата за Албанците“. Сепак, не се исклучени проблеми во случај да треба да се носат системски закони за кои е потребно двотретинско мнозинство од најмалку 80 пратеници.
Иако ВМРО-ДПМНЕ првично најави поддршка за реформите на Владата кои ќе го забрзаат процесот на интеграција на државата во НАТО и во ЕУ, процесите што се случија околу расчистувањето на настаните од 27 април навестуваат дека најголемата опозициска партија би можела да ја откаже поддршката.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави неодамна дека ставот на партијата за поддршка на владините реформи од планот 3-6-9 е променет. Тој рече дека на тоа влијаеле последните случувања, односно одземањето на имунитетот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ покажа дека нема потреба за опозиција во Собранието. Отсега па натаму сѐ е можно. Нашиот став е променет многу поради политичкиот реваншизам“, изјави Димовски.
Премиерот Зоран Заев во неколку наврати повика на вклученост на опозицијата во политичките процеси што следуваат. Тоа посебно го апострофираше по средбите што ги имаше со Никола Груевски, лидерот во заминување на ВМРО-ДПМНЕ, а во присуство на шефот на државата. Проценките во собраниски кругови се дека однесувањето и одлучувањето на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот во наредниот период, сепак, најмногу ќе зависи од тоа какви политики ќе застапува новиот партиски лидер, кој треба да биде избран на 23 овој месец.
Александра М. Митевска