„Техно Павар“ бара враќање на одземената А интегрирана еколошка дозвола


Фирмата Каменолом „Техно Павар“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје кон крајот на октомври од Министерството за животна средина и просторно планирање побарала враќање на А интегрираната еколошка дозвола за работа, одземена од нив  пред пет месеци, информираат од Општина Велес.

Како што информира за МИА, општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова до Општина Веле, МЖСПП на 30 октомври го доставило на увид барањето на фирмата „Техно Павер“.

-Ние констатиравме дека МЖСПП, кое согласно член 99 став 1 од Законот за животна средина е должно барањето да го објави на својата интернет страница со цел јавноста да има увид во неговата содржина,  не го сторило тоа.Поради тоа, ние како Општина, а во интерес на информирање на јавноста односно на граѓаните на Велес, барањето  го објавивме на  веб страната на Општина Велес, изјави Шуркова Манаскова.

Воедно појасни дека согласно законот за животна средина,  градоначалникот Аце Коцевски на 2 ноември веќе доставил барање до МЖСПП за организирање на јавна расправа од страна на инвеститорот со граѓаните на Велес.

-Градоначалникот Коцевски за таа намена на фирмата „Техно Павер“ и  ги понуди салите на Општина Велес и очекуваме тие и МЖСПП, што поскоро, а  во законскиот рок од 30 дена  позитивно да одговорат на нашете барање и да организираат јавна расправа, апелира  Шуркова Манаскова.

Таа ги повика граѓаните и невладините организации будно да ја следат состојбата и масовно да присуствуваат на јавната расправа, а  на која треба да се отвори прашањето за влијанието на загадувачот врз животната средина и нивното здравје.

Инаку МЖСПП на фирмата „Техно Павер“ увоз извоз ДООЕЛ Скопје  пред  пет месеци, на 4 јуни годинава и ја одзема А интегрираната еколошка дозвола за работа.

Но и покрај забраната Варницата во Превалец веќе пет месеци  продолжи со работа на црно, без законска дозвола.

 Фирмата  врши  континуирано загадување на воздухот со бел чад  посебно во двете велешки населби Превалец и Тунел,а  со што им го нарушува здравјето на граѓаните.

Воедно преку испусниот канал фабриката дирекно ги загадува и  водите на реката Тополка,која  што тече во нејзина непосредна близина и  со тоа го уништува живиот свет посебно на  рибите во реката, а на што често до јавноста реагираат спортските  риболовци од СРД „Бабуна“ од Велес.