Теренска вакцинација во училиштата засега ќе нема


Уште три деца со клиничка слика на морбили во Скопје. Прегледани биле амбулантски во саботата вечерта и пуштени на домашно лекување. Од Министерството за здравство велат дека нема нови хоспитализирани лица на заболени со морбили на Клиниката за инфективни болести. Од почетокот на епидемијата до вчера со МРП вакцината биле вакцинирани 3.202 деца, а до 15 часот само во неделата во дежурните вакцинални пунктови биле вакцинирани 17 деца. Теренска вакцинација во училиштата засега нема да има. Од Министерството велат дека сè зависи од тоа каков ќе биде одѕивот за вакцинација на децата кои ја немаат примено МРП вакцината.

„Матичните лекари ќе ги повикаат децата што не се вакцинирани. Родителот треба детето да го однесе да го вакцинира во вакцинаните пунктови. Ако има отпор кај родителите и не ги вакцинираат, а епидемија од мали сипаници се шири, тогаш најверојатно ќе се преземат и други активности, како теренска вакцинација во училиштата, ама сето тоа ќе се утврдува од состојбата на теренот“, велат од Министерството за здравство.

Здравствените власти, најверојатно, неделава ќе излезат со информација колкава парична казна би следувала за компанијата увозник на вакцините МРП, Венко Филипче бидејќи дистрибуираше 650 МРП вакцини на кои беа аплицирани декларации со изминат рок. Министерството ја разгледува и можноста да ја дисквалификува компанијата за следниот тендер за набавка на вакцини. За направениот пропуст, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговорност ќе се бара и од директори на здравствените домови и вработените во вакциналните пунктови бидејќи ги примиле вакцините без да забележат дека на пакувањата се ставени декларации со истечен рок.

„Пропустот е направен во самата веледрогерија при лепење на декларациите. Но она што го извлековме како поука од овој случај, е тоа што увидовме дека немаме правилници за добра дистрибутивна пракса и веќе ги подготвуваме“, изјави Филипче.

Претставници на производителот на вакцините на одржаната средба со министерот тврделе дека станува збор за нивните вакцини и дека тие биле безбедни и квалитетни. (В.М.Л.)