Теодоракис: Да одиме на сложено име со еден, непреведен збор


Сложено име што ќе содржи еден, а не два збор, на македонски јазик, без превод, е она што го предлага лидерот на партијата Река, кој смета дека иредентизмот е поголем проблем од името.

По средбата со грчкиот премиер, Ставорс Теодоракис, јавува дописникот на МИА од Атина, рече дека неговата партија има јасна и кристална позиција, а доколку Ципрас, брифингот го направел многу порано, ситуацијата ќе била поразлична.

-Треба да одиме на сложено име, ќе ви споменам и еден друг параметар што го поставуваме ние. Да одиме на едно сложено име што ќе биде еден збор, еден непреведен збор. Може да одиме на многу варијанти, многу подобри од Северна Македонија или од Горна Македонија. Да одиме на збор, што нема да биде англиски, секако нема да биде грчки, туку ќе биде збор на словенски дијалект и ќе биде еден збор, а не два збора. Едното е името, другото е обврзувачките гаранции што ќе им кажуваат на Грците дека иредентистичките расположенија се исчезнати, рече Теодоракис објаснувајќи ги позициите на неговата партија.

Во однос на текот на преговорите, до кој степен се стигнати и дали сме блиску до решение, Теодоракис рече дека „никој не може да знае“, бидејќи постојат многу нерешени прашања меѓу кои најважното е македонскиот Устав.

-Мислам дека постојат многу нерешени прашања, а главно е прашањето со одредбите во Уставот на ПЈРМ. Како што знаете, постојат иредентистички одредби. Постои расположение, но од расположение да преминеме во конкретни обврзувачки гаранции, што би ни дозволиле сите да кажеме: „Било, поминало, одиме кон нова ера“, мислам дека ќе биде потребен еден временски период, објасни лидерот на Река.

Ставрос Теодоракис рече дека е смешно и опасно владата да има една, а министерот за одбрана Панос Каменос друга позиција, а тоа, според него „им остава простор на радикалните елементи да организираат различни собири во Грција кои го кршат националното единство што е толку многу неопходно во овој период“. Лидерот на Река, рече дека неговата партија е против протестите бидејќи тие ги делат Грците, во однос на народот, додаде дека е потребно да се информира за да знаат Грците што добиваат од еден правилен договор.

Токму околу тоа колку и дали е информиран народот за текот на преговорите, разговараа Ципрас и Теодоракис на почетокот од средбата. Во кусиот дијалог пред камерите, лидерот на Река рече дека во септември се загубила шансата прашањето да се разгледа на седница во Парламентот, кога тој тоа го барал од Ципрас на што сега, грчкиот премиер одговори: „Имаш право“.