Тензична расправа за законот за јазици-Прекината седница на Комисијата


Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна амандманската расправа по Предлог-законот за употреба на јазиците, но нема да расправа за амандманите, туку тоа ќе го стори на 25 декември.

Министерот за правда Билен Салиу одби еден од амандманите на Беса. Седницата на Комисијата беше прекината откако претседателот на Комисијата Артан Груби не им даде можност за процедурална забелешка на пратениците од Беса, по одбивање на амандманот, туку зема збор по што пратениците од оваа партија почнаа да тропаат по собраниските клупи. Фадил Зендели излезе на говорницата и се обиде да го надвика Груби, по што седницата беше прекината.

Груби, пак, во изјава за медиумите кажа дека седницата нема да продолжи бидејќи не се создадени услови за продолжување на амандманската расправа, и дека пратениците на Беса покажале непознавање на собранискиот Деловник.

Фадил Зендели, пак, од Беса го обвини Груби дека организирал манипулации за оневозможување на реална дебата по однос на предлог-законот и не дозволил да го образложат поднесениот амандман што беше одбиен.

– Почна да се дава збор на други пратеници. Ако добро го слушавте претседателот на комисијата самиот кажа дека овие дебати ќе бидат неограничени само за да се оневозможи реална дебата по однос на предложените амандмани. Оваа манипулација нашите пратеници не можеа да ја дозволат и затоа ние изреагиравме и баравме и процедурално, затоа што Деловникот на Собранието не беше почитуван. Но, ние со демократски средства го покажавме нашето незадоволство, рече Зендели.

Претходно на седницата претседателот на Комисијата Груби кажа дека амандманската расправа ќе ја закаже на 24 декември (за потоа да се поправи на 25 декември) за да и се даде можност на опозицијата да дискутира за амандманите.

Со законот за јазици, според Груби се затвора едно прашање од Рамковниот договор, а тие (ВМРО ДПМНЕ) се негови потписници.

Пратениците од опозицијата, како што најавија, не присуствуваат на седницата на Комисијата, а се очекува тие да се вклучат во работата на Парламентот по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ 23 декември.

Најголем дел од 90. амандмани за Предлог законот за употреба на јазиците 84 има поднесено ВМРО ДПМНЕ, 4 СДСМ и 2 БЕСА.