Тевдовски го брани ребалансот, опозицијата му бара оставка


Министерот за финансии Драган Тевдовски уште на стартот на расправата за ребалансот на Буџетот се соочи со фронтален напад на опозицијата, која обвинувајќи го за лошите перформанси на македонската економија, му побара оставка. Прв почна пратеникот Драган Цуклев, укажувајќи дека ниту Владата ќе ги оствари планираните приходи ниту планираните стапки на економски раст, иако намалени ниту, пак, ќе ги реализира планираните капитални инвестиции пониски за 100 милиони евра со ребалансот. Ова, според Цуклев, е катастрофалното ниво на реализација на капиталните инвестиции и е доказ дека ова е влада за едно прашање и дека нема капацитет за водење на институциите.

Опозицијата забележа дека Владата само зборува за транспарентност, а не ја применува затоа што пред почетокот на комисиската расправа за ребалансот, во 10,30 пратениците го добиле предлог-законот за финансиска поддршка на општините, што ќе се носи по скратена постапка, а на него се темели префрлањето пари за покривање на долговите на локалната самоуправа. Забележаа и зошто Владата прво најавила земање кредит за намирување на општинските долгови, а сега оди со плаќање преку буџетски пари.

Министерот Тевдовски се бранеше дека реализацијата на приходите е одлична што покажува дека со сигурност ќе биде остварена планираната приходна страна на Буџетот. Но, кога кажа дека проблемите со долговите на општините се наследени од градоначалниците на претходната влада, тогаш пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да довикуваат.

„Пак ВМРО-ДПМНЕ е виновна за вашите неуспеси“, се слушна од собраниските клупи, по што министерот Тевдовски замоли за тишина, а претседателката на комисијата Лилјана Кузмановска рече дека нејзина работа е да ги смирува развревените пратеници.

„Најдобар начин да го решиме проблемот со долговите на општините е да не одиме со кредит, да го искористиме фискалниот простор и паралелно да поставиме механизам за да се спречи натамошното презадолжување“, рече Тевдовски укажувајќи дека ликвидност на Буџетот е одлична и дека владата работи домаќински.

Претседателката на комисијата, Кузмановска, побара оставка од министерот затоа што ги направил најголемите промашувања во економијата.

„Со вакво недозволено ниско исполнување на капиталните инвестиции, падот на градежништвото и на економскиот раст, кој и да е министер, ќе си поднесе оставка, затоа што вие како министер не само што не успеавте да ја подобрите ектомијата, туку ја влошивте. Буџетот не е само собирање пари и вие не сте административен работник, туку министер кој треба да креира економски политики“, образложи Кузмановска.

Опозицијата побара од Тевдовски да не кажува дека ќе донесат подобар живот за граѓаните, туку да каже што досега направиле. Дали ќе успее да го реализира растот на економијата од 2,8 отсто, колку што е симнат со ребалансот од првичните 3,2 проценти или ќе заврши со економија која ќе се придвижи само за 1,6 процент, како што кажа ММФ. Му префрлија на министерот и за најнискиот раст во Европа, според податоците што ги презентираше ММФ, а му забележаа и дека не кажува оти растот на странските инвестиции се должи на реинвестирана добивка од компании кои во зоните го донесе претходната влада.

Реплики и контрареплики меѓу Тевдовски и Кузмановска имаше и за нивото на јавниот долг, во чие време задолженоста била поголема.

„Од јуни 2017 до сега се задолживте со 930 милиони евра, се раздолживте со 630 милиони евра а за остатокот од 300 милиони евра постојано бараме да ни кажете за што ги потрошивте. Колку што вие ја задолживте оваа држава, ниеден министер не ја задолжи“, му рече Кузмановска.

Министерот Тевдовски одговори дека во новиот извештај за Македонија, ММФ вели дека земјата применува повеќе добри пракси за фискална транспарентност.

„Такво нешто од ММФ во изминатата декада никогаш не спомнале. Напротив, сите ја критикуваа нетранспарентноста на претходната влада. Како ја влошивме состојбата, со тоа што не градиме споменици и фасади и не вложувавме во жални врби? Меѓународните институции пресметаа дека растот на претходната влада се движел околу 0,5 проценти ако се исклучат вложувањата во проектот ‘Скопје 2014’. Забавената активност се должи на проблематичните проекти, пред сè за автопатот Кичево-Охрид. Ако за нешто немате право, тоа е за јавниот долг, во 2016 беше 48,5 проценти а сега 47,7 проценти од БДП“, објасни Тевдовски додавајќи дека проектот минимална плата овозможил раст на просечната плата од 5,6 проценти и истовремено е исправена неодржливата состојба на две нивоа на минимална плата.

Поднесени 187 амандмани

Со ребалансот приходите и расходите се кратат за половина процент. Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти. Вкупните приходи се планира на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.

Поднесени вкупно 187 амандмани. 179 се на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, 6 се на ДУИ и два на СДСМ, од кои еден за да се обезбедат средства за ОТА.

Комисиската расправа по ребалансот може да трае максимум 10 дена.